Пишува проф. д-р Мирјана Најчевска, експерт за човекови права

Текстот е достапен и на албански јазик: Mediumet për aktgjykimet e Gjykatës evropiane për të drejtat e njeriut

mediumite-za-presudite-na-evropskiot-sud-za-chovekovi-prava

Една од улогите на медиумите во развиените демократски држави е да бидат контролори на власта од аспект на почитувањето и заштитата на човековите права. Значаен аспект на оваа контрола претставува известувањето за пресудите/одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) воопшто и посебно оние ко се однесуваат на Република Македонија.

Кога ЕСЧП ќе донесе пресуда, тоа е пресуда против државата која што не успеала да ги заштити правата и слободите на луѓето гарантирани со Европската конвенција за човекови права.

Спроведувањето на пресудите не се состои само во исплата на одредена оштета на жалителот, туку подразбира разрешување на конкретниот случај (кој треба да биде доведен до моментот пред настанување на прекршувањето) и спроведување такви промени кои ќе спречат идни исти или слични случаи. Државите вообичаено сакаат да го забават спроведувањето на политички непопуларните, контроверзни или комплексни пресуди.

Во процесот на спроведување на пресудите на ЕСЧП медиумите имаат многу значајна улога. Тие треба:

  • Да ги промовираат пресудите на ЕСЧП
  • Да понудат мислења и толкувања на релевантни и квалитетни експерти посебно за значењето на пресудата и нејзините пораки во врска со посочените слабости на правниот или правосудниот систем
  • Да ги анализираат од аспект на обврските кои ги создаваат за државата
  • Да поставуваат прашања за направените промени и да го контролираат спроведувањето на промените
  • Да ги поврзуваат новите со слични или дури и истоветни случаи од претходно донесените пресуди на ЕСЧП.
  • Да се интересираат за судбината на судиите кои во основниот, апелациониот, Врховниот и/или Уставниот суд учествувале во прекршувањето на Европската конвенција за човековите права

Што се случува во нашите медиуми?

1. Нема континуирано известување за пресудите на ЕСЧП

Медиумите најчесто ги спомнуваат пресудите на ЕСЧП во врска со некој извикан случај кој предизвикал и меѓународен интерес (како што е на пример случајот на ЕлМасри) или прават кратки претставувања на конкретни случаи кои дошле до нив во даден момент (како што е на пример случајот на Драге Николовски). Случаите по правило се спомнуваат еднаш, во една фаза на одлучувањето на ЕСЧП и нема анализа на извршувањето на пресудите по нивната правосилност. Во некои од медиумите еднократно се појавуваат кратки анализи во врска со пресудите на ЕСЧП поврзани со  некои промени кои се случуваат во Македонија а кои се однесуваат на односите со ЕСЧП (на пример написот во „Утрински весник“ по повод собраниската расправа за донесување на Закон за извршување на одлуките на ЕСЧП, кој во написот е погрешно претставен како Закон за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд).

Отсуствува континуирано претставување на сите пресуди на ЕСЧП кои се однесуваат на Република Македонија што во голема мера би помогнало за запознавање на јавноста и алертирање на власта, но и попречило власта да ги стави пораките „под килим“.

2. Медиумите не ги анализираат пресудите на ЕСЧП од аспект на обврските кои ги поставуваат во однос на власта

По правило медиумите не прават поопсежни анализи на материјата поврзана со пресудите на ЕСЧП (воопшто, и посебно оние кои се однесуваат на Република Македонија). Своевиден исклучок претставува анализата направена во дневниот весник „Дневник“ во периодот јануари- февруари 2011. И оваа анализа не е дел од секојдневното работење на весникот, туку проектна активност во рамките на  Истражувачкиот проект „Македонија пред Европскиот суд“ поддржан од Данската асоцијација за истражувачко новинарство и проектот SCOOP. Ова не ја намалува вредноста на овие анализи меѓутоа укажува на отсуството на интерес на самите медиуми за ваков вид анализи и посебно отсуството на поширока пракса на истражувачко новинарство кое единствено може да даде резултат кога станува збор за ваков вид прашања.

Дури и тогаш кога медиумите навидум прават анализа на постапките и случувањата поврзани со ЕСЧП, тие всушност се задржуваат само на информациите кои ги добиваат од овластените лица, а не се обидуваат вистински да истражуваат и врз основа на една ваква истрага да изработат сторија. Само како пример, во написот под наслов „Македонија годишно губи по 40 случаи во Стразбур“ објавен во „Утрински весник“ се споделува изјавата на функционер на Министерството за правда според кој вели:

„Во моментов немаме процес против Македонија по основ за судење во разумен рок, поточно за судски процеси што во земјава почнале по 2007 година“.

Новинарот не се ни обидува да истражи дури ни дали е оваа изјава вистинита или не, а камоли да ја продлабочи темата со истрага за постапувањето на Врховниот суд по новото правно средство кое им стои на располагање на граѓаните. Во секој случај изјавата не е вистинита бидејќи има повеќе случаи кои се водат пред ЕСЧП и по 2007 година заради тоа што Судот смета дека новото средство се уште не е доволно ефикасно за заштита на граѓаните од долгите процедури (на пример случајот Дунимагловски против Република Македонија, поднесен 2008 година, а кој завршува со спогодба).

3. Медиумите воопшто не го поставуваат прашањето за промените кои треба да се направат врз основа на пресудите на ЕСЧП со што случаите би се затвориле конечно од аспект на обврските на Република Македонија

Дури и во она малку случаи кога медиумите известуваат за конкретни пресуди на ЕСЧП, како на пример двете пресуди од 2010 кои се дадени во весникот „Нова Македонија“ , новинарот не ги анализира обврските што државата треба да ги исполни за да може да се затворат овие случаи и да се симнат од листата на случаи кои се под надзор на Комитетот на министри на Советот на Европа. Спомнатите случаи во написот (Настеска против Република Македонија и Сандел против Република Македонија) се уште се наоѓаат на листата на случаи во кои државата не ги исполнила своите обврски).

4. Во отсуство на анализа, во медиумите нема дури ни обид за поврзување на актуелни процеси кои се водат пред судовите со веќе постоечки пресуди на Европскиот суд за човекови права

Медиумите не ги поврзуваат различните случаи што во моментов се водат пред домашните судови или се процесираат пред други државни органи со слични на нив за кои веќе постои пресуда на ЕСЧП. Воспоставувањето една ваква врска може да помогне во поставувањето соодветни прашања поврзани со конкретен случај, во анализирањето на информациите и соопштенијата кои ги дава власта и во идентификување на неисполнетите обврски на државата согласно веќе донесените пресуди на ЕСЧП. На пример, во случајот на Горгиевски против Република Македонија од 2009 год., ЕСЧП дава многу јасни насоки за границите на употребата на таен агент (агент провокатор) во градењето на обвинението, што е во спротивност со постапката која се води против Љубе Бошкоски, каде што постојат многу силни индиции дека пресудата се темели токму врз постапките и исказите на ваков агент. Уште подрастична е ситуацијата со притворот. Имено и покрај постоењето пресуди на ЕСЧП кои го адресираат притворот како  начин на прекршување на Конвенцијата од страна на правосудните органи во Република Македонија (на пример Василкоски и други против Република Македонија од 2010), во ниту еден од случаите на продолжен притвор (како на пример: Јован Вранишкоски, Велија Рамковски, притворените во случајот Метастаза и сл.), новинарите не ги вкрстуваат овие податоци и не го поставуваат прашањето за соодветноста на употребената мерка.

5. Нема истражувачко новинарство поврзано со пресудите на ЕСЧП

Новинарите не се впуштаат во посериозно истражување ниту на последиците кои ги трпат судиите кои стојат зад пресудите во кои е утврдено прекршување на правата од страна на ЕСЧП. Имено, нема анализи за тоа колку од судиите напредувале во кариерата (или на некој друг начин биле наградени) после завршувањето на случаите кои потоа биле обжалени пред ЕСЧП и за кои биле донесени овие пресуди. Нема анализи ниту за тоа дали од страна на одреден број судии се повторуваат одново и одново истоветни прекршувања на правата и после донесувањето на пресудите на ЕСЧП.

На овој начин медиумите ја испуштаат можноста да соберат податоци, односно да ги употребат податоците кои им стојат на располагање,  за сериозна и одржана критика и контрола и на законодавната, и на извршната и на судската власт.

Линкови поврзани со ЕСЧП и Македонија


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

9 Коментари на “Медиумите за пресудите на Европскиот суд за човекови права”

  1. Функционерот од Министерството за правда on февруари 14th, 2013 11:21 am

    Почитувани читатели,

    Со цел Ваше правилно информирање во врска со точка 2 од текстот на авторот, чувствувам обврска да го кажам следново:
    Изјавата дадена од моја страна, а која е цитирана погоре во текстот во точка 2 е потполно вистинита (иако авторот погрешно заклучува дека истата е невистинита). Имено, до сега сеуште немаме пристигнато жалба во која жалителот се жали на неразумно траење на постапката, а истата пред домашните органи да била започната после 2007 година. Овој факт, според мене, се должи на две работи, прво, во 2006 година беа донесени крупни измени на законските решенија во насока на забрзување на постапките (беше укината можноста за БЗЗ, доставата беше регулирана, беше укината можноста апелационите судови безброј пати да го враќаат предметот на првостепениот суд, беше воведено начелото еднаш уредно канет, за цела постапка уредно канет, се воведоа казни за вештаци, сведоци итн…)кои измени неспорно имаат големо влијание за скратување на времетраењето на една постапка, и второ, во моментов Судот во Стразбур ги доставува на одговор жалбите кои се поднесени во 2008-2009 година, така што нереално е да се очекува да некој започнал постапка пред домашните судови во 2007 која завршила во 2008-2009 година (притоа поминувајќи најчесто низ три судски инстанци)да се жали на неразумно траење на домашната постапка. Не исклучувам дека во иднина ќе има жалби за неразумно траење на постапките пред домашните судови и за постапки кои започнале после 2007 година, меѓутоа за такво нешто сеуште е рано, односно тие апликации би можело да се очекуваат дури после 2015 година.
    Исто така сакам да посочам дека примерот кој е даден од авторот (предметот Дунимагловски против РМ) е несоодветен за тезата на авторот, односно, напротив, оди во прилог на овој мој коментар. Имено, предметот Дунимагловски, апликација бр.38934/08, е започнат пред домашните органи на 15.06.1998 година (што значи 9 години пред 2007 година), а завршен 11.02.2008 година. Истиот за цело време се водел по старите законски решенија кои повеќе не се на сила.
    Со почит.

  2. Мирјана Најчевска on февруари 14th, 2013 10:39 pm

    Прашањето кое очекуваме да го постават новинарите е: дали направените промени во легислативата и во праксата нешто смениле во процедурите кои ги доведуваат луѓето до ЕСЧП?
    Дадениот цитат имплицира дека тие придонеле за таква промена. Посочениот (а и други случаи) зборуваат за спротивното. Имено, доколку промените навистина создале ефикасен и ефективен механизам за процесирање на случаите, тогаш во периодот меѓу 2006 (кога се направени) и 2008 (кога е започната процедурата пред ЕСЧП) случајот ќе бил соодветно решен. Жалителот отишол во Стразбур токму затоа што ниту во променетите услови не успеал да го заштити своето право. Тоа би требало да ги поттикне новинарите да започнат анализа на: промените, на ефектите од промените и на праксата која се воспоставува врз основа на новата легислатива.

  3. Александар Манасиев on февруари 16th, 2013 3:01 pm

    Почитувана

    Ќе ми извините, но во дел сметам дека анализата е многу површна, како да не сте одвоиле доволно време да истражувате,а впрочем истото го барате од нас новинарите. Прво, не се сложувам со констатацијата дека медиумите не ја следат работата на ЕСЧП. Воедно сметам дека е сосема погрешно да се заклучи дека “нема континуирано известување за пресудите на ЕСЧП и дека медиумите најчесто ги спомнуваат пресудите на ЕСЧП во врска со некој извикан случај кој предизвикал и меѓународен интерес”. Ако внимателно сте го анализирале на пример “Дневник”, како што се очекува од ваков вид на анализа, тогаш лесно ќе сте забележеле преку 30 текстови кои се однесуваат само на поединечни пресуди,а кои воопшто не извикани случаи. На тоа додадети десетина анализи, коментари и слично. И тоа е само во Дневник, а не зборувам за други медиуми. Во голем дел од текстовите во Дневник направен е обид да се контактираат и инволвираните страни, да се земат изјави, нормално не заземајќи страна. Некогаш сме успеале, некогаш не.
    Второ,иако во точка 2, како позитивен пример и како исклучок, ја спомнувате мојата анализа,(за тоа ви благодарам што сте ја забележале), која е направена со странска помош и во тој дел целосно не се согласувам. Ретки се ваквите анализи од низа причини,недоволно познавање на материјата, (не)достапност до информации, но и недостиг од најважниот ресурс-време,но и покрај тоа сепак има во неколку медиуми вакви анализи во врска со пресудите на ЕСЧП. Оние кои може да ви ги посочам се од Дневник, а верувам колегите ќе посочат и од други медиуми. Во иднина се надевам и очекувам малку подлабока анализа од ваша страна, малку повеќе истражување, исто онака како што очекувате од нас новинарите. Со почит Александар Манасиев.

    Во прилог ви праќам серија текстови (од 2007 година па навака) за полесно да Ви оди истражувањето следниот пат:
    http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=11373A72D180C54DAF11EAC646799FB9

    http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=575EA5793FA8A34C8F25C9BF5FEE4A59

    http://www.dnevnik.com.mk/?itemID=36FD262818B60248A3D5E51A6CAA55E5&arc=1

    http://dnevnik.com.mk/?ItemID=2D32470C32CFD24BAAAEF39F1C17AB53

    http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=7254B206D955284ABFEDE5383263989C

    http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=DC3BADD2D82D7041ABA5DBD5227CCFBE

    http://dnevnik.com.mk/?ItemID=E5FEB63F58AA75488E898AE4E4F61FF5

    http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=4D7E5356862658429BDF38DB2C14DA6F

  4. Hippie on март 2nd, 2014 11:52 am

    Too many QuotesChimp select their insurance as if they don’t care whether they purchase a high- or low-quality product. There are also those who act as if they have money to burn, treating price as a matter of seemingly total indifference. In fact, some insurance shoppers put so little thought into purchasing coverage that they might just as well open the yellow pages to the insurance listings, close their eyes, and point.

  5. Analiza të reja të diskurseve publike nga Shërbimi për verfikimin e fakteve në mediume | metamorphosis on јуни 13th, 2014 1:05 pm

    […] për aktgjykimet e Gjykatës evropiane për të drejtat e njeriut (mk, mk, mk, mk, mk […]

  6. New analysеs of the public discourses from the Media Fact-Checking Service | metamorphosis on јуни 13th, 2014 2:17 pm

    […] on the verdicts of the European Court of Human Rights (mk, mk, mk, mk, mk […]

  7. metamorphosis | Analiza të reja të diskurseve publike nga Shërbimi për verfikimin e fakteve në mediume on јуни 19th, 2014 3:50 pm

    […] për aktgjykimet e Gjykatës evropiane për të drejtat e njeriut (mk, mk, mk, mk, mk […]

  8. metamorphosis | New analysеs of the public discourses from the Media Fact-Checking Service on јуни 23rd, 2014 2:13 pm

    […] on the verdicts of the European Court of Human Rights (mk, mk, mk, mk, mk […]

  9. sildenafil on април 25th, 2015 12:25 am

    That’s not just the best answer. It’s the bestest answer!

Одговори