Пишува Жарко Трајаноски, м-р по човекови права

Текстот е достапен и на албански јазик: Mediumet dhe zgjedhjet: favorizimi dhe mosbalansimi në dobi të pushtetit

Медиумите и изборите: пристрасност и неизбалансираност во корист на власта

Новинарот треба: „…јасно да се изразува и да го објасни покривањето на веста, и да повикува на дијалог со јавноста во врска со однесувањето на новинарите.“ (Новинарски кодекс)

Однесувањето на медиумите за време на изборната кампања беше остро критикувано од страна на меѓународните набљудувачи на локалните избори. Прелиминарниот извештај на набљудувачката мисија беше одличен повод да се покрене јавна дебата не само за неетичкото известување, туку и за загрозената слобода на изразување. „Пристрасното и партиско медиумско покривање“ беше нагласено уште во почетните заклучоци од Извештајот за првичните наоди и заклучоци на Меѓународната мисија за набљудување на изборите. За жал, само мал дел од новинарите ги пренесоа во целост првичните заклучоци кои се однесуваа на медиумите. Што се однесува пак до првичните наоди, посебниот оддел за медиумите беше главно игнориран, иако содржи битни согледби за состојбата со слободата на медиумите – прашање кое би требало да биде од врвен јавен интерес во секоја демократска земја.

Доследни во пристрасноста

Некои медиуми останаа доследни во својата партиска пристрасност и кога известуваа за партиската пристрасност на медиумите. На пример, пораката до медиумите за „пристрасно и партиско медиумско покривање“ беше најпристрасно покриена во написот: „МЕЃУНАРОДНАТА МИСИЈА СО ПОЗИТИВНИ ОЦЕНКИ ЗА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ: Бранко џабе плаче. ОБСЕ – ОДИХР и Брисел потврдија: Изборите регуларни, фер и слободни“ (рецензија). Во самиот напис бегло се наведува дека:

„Набљудувачите забележуваат на мешање на државни со партиски активности и нерамномерна застапеност на партиите во медиумите.“

Меѓутоа, во извештајот, во дадениот контекст, не станува конкретно збор за „нерамномерна застапеност на партиите во медиумите“, туку за „пристрасно и партиско медиумско покривање“:

„Иако се водеше активна кампања, пристрасното и партиско медиумско покривање, мешањето на владините и партиските активности не секогаш овозможуваа терен за рамноправен натпревар помеѓу кандидатите.“

Подоцна во извештајот, се појаснува дека под пристрасност не се подразбира само пристрасност во квантитет (нерамномерната застапеност) туку и пристрасност во квалитет:

„Медиумите следени од страна на НМИ на ОБСЕ /ОДИХР обезбедија опширно покривање на кампањата во вестите и покажаа забележителна пристрасност кон владејачките партии и во квантитет и во квалитет.“

Само неколку медиуми ја акцентираа пристрасноста на медиумите во насловите:

Во малцинство беа медиумите кои објаснија во чија корист била пристрасноста, пренесувајќи:

„…јавниот радиодифузен сервис и неколку приватни радиодифузери покажаа пристрасност во корист на владејачката коалиција.“

Повеќето останаа пристрасни, преку игнорирање или маргинализирање на проблемот на пристрасноста и молчење во чија корист била пристрасноста на медиумите.

Пристрасноста е видлива и во манипулацијата со експертски мислења во написот „Забелешките на ОБСЕ немаат решавачко влијание врз резултатите“ (Билборди и ТВ-спотови немаше да и донесат победа на опозицијата). Поднасловот и насловот даваат недвосмислен одговор на прашањето:

„Дали ако јавниот сервис МРТВ и некои приватни радиодифузери известуваа крајно избалансирано, а владините претставници, вклучително и премиерот, не излезеа од канцелариите од четврти од 24 март за време на изборната кампања, резултатите од гласањето ќе беа драстично поинакви?“

Меѓутоа, експертските ставови изразени во написот не се поклопуваат и не сугерираат таков недвосмислен заклучок.

Игнорирање на загрижувачките оценки за медиумско-политичкиот контекст

Откако ќе се анализира медиумското покривање на првичниот извештај на меѓународната мисија се добива впечаток дека најголем дел од медиумите известуваа за извештајот без воопшто да го прочитаат и анализираат. На пример, не беше анализирана почетната констатација од одделот „контекст“, во која меѓународната мисија потврдува дека имало присилно исфрлање на пратеници од опозицијата и медиуми од парламентот:

„По присилното исфрлање на пратениците од опозицијата и медиумите од парламентот за време на гласањето на годишниот буџет на 24 декември 2012, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и неколку негови коалициски партнери отпочнаа бојкот на парламентот.“

Со ретки исклучоци, медиумите не известија за оценката за драстичниот пад на критичките медиуми:

„Од минатите избори до сега, затворањето на два електронски и неколку печатени медиуми значително го намали бројот на медиуми со критички осврт кон Владата.“

Изјавата од прес-конференцијата на Јуриј Ламберг, од Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа, беше или игнорирана или нецелосно пренесена:

„Од претпоследниот до вчерашниот изборен процес во Македонија згаснаа две телевизии и два весника, што не е добро и може да оцениме дека има влошување на демократската состојба во јавното известување. Новинарите се многу важни за секоја демократска државава, меѓу кои и вашата.“ (+Инфо).

Игнорирање клучни разлики и етички принципи

„Електронските медиуми не успеаја да направат разлика помеѓу државните активности и партиска кампања“ (Извештај за првичните наоди и заклучоци)

Во претходните анализи за медиумите и локалните избори укажавме на игнорирањето на оваа клучна разлика од страна на медиумите („Ни медиумите не се тоа што беа: Смеат ли министри да даваат партиски изјави во работно време?“, „Има ли „зависници од болести“?“). Во извештајот на меѓународната мисија се акцентира дека:

„Сите следени електронски медиуми, освен Телма, редовно известуваа за владините активности, но не правеа разлика помеѓу државните активности и активностите на изборната кампања.“

И Советот за радиодифузија, во својот извештај од медиумското покривање на локалните избори во вестите заклучува дека:

„Најголемиот дел од медиумите не успеаја да направат разлика меѓу редовните активности на власта, и оние кои служат за промовирање проекти и достигнувања во функција на изборната кампања.“

Меѓународните набљудувачи гласно го искажаа своето незадоволство од пристрасноста на медиумите. Меѓутоа, поголем дел од новинарите повторно потфрлија, заборавајќи на одредбата од новинарскиот кодекс која му наложува на новинарот „Да ја поттикнува јавноста гласно да го искажува своето незадоволство од медиумите.“ (Новинарски кодекс)

Со ретки исклучоци („МТВ 1 зазема страна на изборите“), новинарите не ја поттикнуваа јавноста гласно да го искаже своето незадоволство од јавниот радиодифузен сервис иако набљудувачите алертираа на очебијната пристрасност во квантитет и квалитет на МРТ:

„Јавниот радиодифузер МРТ не обезбеди изедначено покривање на кампањата. Првиот канал на МРТ, МРТ 1, посвети 29% од вестите на владата и 27% на ВМРО -ДПМНЕ во главно со неутрален или позитивен тон. СДСМ доби исклучиво неутрален или негативен тон.“

И забелешката на меѓународните набљудувачи дека „МРТ 1 не организира никакви дебати“ главно беше медиумски игнорирана. Посериозен обид за тематизирање на проблемот на отсуството на дебати претставува прилогот „Пропаднаа обидите на странците за ТВ соочувања на МТВ“. Во прилогот е цитирана и партиски пристрасната изјава на одговорниот уредник на првиот програмски сервис на МРТВ, како одговор на прашањето зошто не е постигнат договор за тоа дали дебатите ќе се снимаат или ќе се емитуваат во живо.:

„Не можеме да дозволиме Јани Макрадули на пример да не избрука со некоја изјава во живо.“

Покрај очебијната пристрасност на МРТВ, медиумски игнорирана беше и оценката на меѓународните набљудувачи за наклонетоста кон владејачките партии на најгледаните приватни телевизии:

„Сител одвои 49% од покривањето на кампањата во вестите за ВМРО -ДПМНЕ, 21% за СДСМ и 16% за владата. Канал 5 посвети 36% на ВМРО -ДПМНЕ, 26% на СДСМ И 16% на владата.“

Во однос на избалансираноста, и извештајот на Советот за радиодифузија констатира дека:

„Баланс обезбедија: ТВ 24 Вести, ТВ Алфа и Радио Канал 77, а најголема неизбалансираност е регистрирана кај: МРТ1, Македонско радио – Прва програма и ТВ Сител.“

Сител се обиде да ги релативизира оценките во извештајот со генерализирање:

„Речиси кај сите медиуми е забележана неизбалансираност во известувањето за време на кампањата.“

За жал, повеќето медиуми продолжуваат со неетичко известување, игнорирајќи ги прецизните оценки на меѓународните и домашните набљудувачи, во однос на партиската пристрасност и неизбалансираност во корист на власта. Тоа би требало да биде дополнителен поттик за секој критички новинар да ја исполни својата должност од етичкиот кодекс и „Да обелодени неетички постапки на новинари и на медиуми што објавуваат вести.“ (Новинарски кодекс)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

Одговори