Еден од трите спинови кои се појавуваат по дебаклот од посетата на премиерот на Кичево е тезата дека СДСМ е виновна за тоа што Кичево нема македонски градоначалник, откако вината најпрвин се префрли на Законот за територијална поделба од 2004 година, потоа на „предавството“ на турската партија на Кенан Ќасипи и Ромите од градот, за да конечно се најде и третиот спин – виновна е, членот на ДИК, Виолета Дума од СДСМ, која гласала воздржано во однос на предлогот за прегласување во три гласачки места, во овој град, заради колективно, групно гласање.

„Кичево падна. Втор круг во оваа општина нема да има и нов градоначалник на оваа општина ќе биде Фатмир Дехари од ДУИ. Ова е исходот од синоќешната бурна седница на државната изборна комисија, каде дефинитивно беа одбиени приговорите од ВМРО-ДПМНЕ. Главни беа гласовите на ДУИ и ДПА, но изненадувачки пресудно за да се одбијат приговорите со кои го враќаа македонскиот кандидат во игра, беше воздржаното гласање на членот на ДИК од СДСМ“ – се вели драматично во прилогот кој го емитуваше Алфа кој беше речиси идентичен и на Сител на пример.

Рецензија: ВМРО ДПМНЕ и СДСМ се поделија за Кичево, ќе се борат за СтругаЛинк до оригиналниот напис: ВМРО ДПМНЕ и СДСМ се поделија за Кичево, ќе се борат за Струга

Датум и време на објавување: 29.03.2013, 18:20:30

Датум на рецензирање: 29.03.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост на факти: Податоците за гласањето се сосема точни, но не се навлегува во причините зошто членот на ДИК, Виолета Дума, не сакала да гласа за предлогот. Не е точен фактот дека ако во спорните гласачки места дошло до прегласување, би можел да се промени резултатот од гласањето на 24 март. Напротив.

Извори на информации: Авторот има само едно мислење, на пратеничката од владејачката партија Лилјана Затуровска од Струга (!) ама никого од Кичево (во најавата на дневникот на Алфа, како прва вест беше соопштено дека има гневни реакции на кичевчани, ама не ги видовме). Нема мислење на член на ДИК или на некој претставник на друга партија. Се дава и секвенца од изјаснувањето на Дума за тоа дека приговорот е блед и дека не може да застане зад него.

Содржајност: Веста прикрива два факти – дека хипотетички повтореното гласање не би донело пресврт во ситуацијата во Кичево и второ, дека приговорот е даден со сериозно пробивање на законскиот рок од пет часа после затворање на гласачите места, односно тогаш кога гласовите се преброени и кога резултатот е познат!

Речиси сосема е сигурно дека евентуалното прифаќање на приговорот, Управниот суд не ќе може од формални причини да го потврди, заради времето на приговарање кое е наведено во поднесокот. Тоа не се кажува во прилогот на Алфа телевизија.

Пристрасност: Во период кога угледот на премиерот во двата градови – Кичево и Струга е на многу ниско ниво, се оди на тоа да се говори дека гласањето за поднесени приговори било клучно за изборната победа или пораз во овие градови, во овој случај само во Кичево.

Факт е дека разликата меѓу двата кандидати е 1.500 гласови. Изборите би се повториле во средина каде има главно албански гласачи, кои и на повтореното гласање веројатно ќе гласаат со иста определба, а дури и да не го сторат тоа разликата не ќе може да се „покрие“.

Коментирање:

„По ваквиот исход од гласањето во јавноста почнаа да кружат шпекулации за можно меѓупартиско пазарење на гласовите во вториот круг. Пред сè, пазарење на етничка основа, односно за кого ќе гласаат Македонците во општините каде останаа само кандидати Албанци и обратно“.

Оваа теза во текстот, која е коментаторска не е покриена со ништо и „виси“, но обезбедува сериозен спин со кој треба да се правдаат и некои други, наредни резултати онаму каде ќе има прегласување.

Квалитет на насловот: Согласно на интенциите на авторот, насловот е описен и ги дава на мал простор дострелите од гласањето во ДИК.

Фотографија: Се работи за ТВ прилог, а фотографијата е стоп кадар кој дава една кичевска улица и служи само како еден вид географска одредница за лоцирање на вредноста на веста за настанот, гласањето во ДИК.

Заклучок: Интересно е дека низа телевизии дадоа ваков или многу сличен прилог, некаде идентичен и во цел склоп на реченици, иако тие не се повикаа на агенција, туку ги потпишаа текстовите со имиња на автори, што говори дека текстот е можеби некаде осмислен за сите провладини медиуми?

Рецензија: ВМРО ДПМНЕ и СДСМ се поделија за Кичево, ќе се борат за Струга

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

Одговори