Кога изворите соопштуваат сериозни обвинувачки и дискриминирачки наводи, мора да се направи обид да се побара одговор од засегнатата страна.

Рецензија: Изборни копја се кршат во малата општина МогилаЛинк до оригиналниот напис: Изборни копја се кршат во малата општина Могила

Датум и време на објавување: 30.03.2013, 20:20

Датум на рецензирање: 31.03.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост на факти: Текстот на онлајн-изданието на „Дневник“, од авторот Ж.З., е извештај од предизборен митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Могила. Наводите кои се изнесени на овој митинг, од страна на главниот говорник, премиерот Никола Груевски, се жестоки обвинувања на сметка на лицето Стево Пивковски, независен кандидат за градоначалник, поранешен член на ВМРО-ДПМНЕ. Со оглед на фактот дека наводите не се поткрепени со докази и аргументи, а нема изјава од засегнатата страна, тешко е да се каже дали фактите се точни и веродостојни.

Извори на информации: Премиерот Никола Груевски е единствениот, официјален, актуелен и релевантен извор во извештајот, но истовремено тој е и едностран. Неговата задача е да го дискредитира спомнатиот Пивковски (кој „оди по куќи на наши членови и се претставува како наш кандидат“), во пресрет на вториот изборен круг.

Содржајност: Потпирањето на едностран извор, мотивиран да изнесе обвинувачки наводи за другата страна, придонесува извештајот да не го задоволи минималното ниво на сеопфатност. Повеќе медиуми пренеле одговор на Пивковски (Телевизија Телма, на пример, како и други медиуми кои се повикале на нејзиниот извештај), а има и медиуми кои пренеле изјави на други засегнати извори, жители на Могила. Од извештајот на Скај.мк се гледа дека говорот на премиерот во Могила предизвикал поделени чувства и извесна тензија, факт што е забошотен во извештајот на „Дневник“.

Игнорирањето на приказната за наводен поткуп на сиромашна жена од страна на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, во овој извештај, не го сметаме за пропуст, водејќи се од претпоставката дека станува збор за секундарни факти што се третирани во други вести и извештаи (така е и во повеќето од другите онлајн-медиуми). Но, прикривањето на изјавата на Пивковски, во општина во која разликата меѓу водечкиот кандидат и тој до него е само 50 гласа (факт кој исто така е забошотен), е сериозен професионален пропуст на известувачот.

Пристрасност: Не сме сигурни дали приклонувањето кон наводите што ги презентира премиерот Груевски е намерно извртување на вистината, ниту дали се пласирани лажни информации, но едностраноста на извештајот остава впечаток на политичка наклонетост. Ваквото пласирање на наводите може да биде многу штетно, ако не и пресудно за избирачите, во општина во која се води „мртва трка“ после првиот изборен круг.

Квалитет на насловот: Насловот е клише, реченица која претендира да биде креативна метафора, а всушност нема минималната информативна вредност, нејасен е и не е соодветен на содржината на текстот.

Фотографија: Претпоставуваме дека фотографијата е од настанот во Могила и дека е соодветна илустрација на текстот, иако би било многу подобро кон неа да има легенда, од која, евентуално, ќе научиме кои се другите ликови што го придружуваат премиерот.

Говор на омраза: Наводите што ги соопштува премиерот Груевски, а извештајот ги пренесува без да пренесе и одговор на другата страна, се агресивен и дискриминирачки атак врз кандидатот Пивковски. Интересно е дека дискредитацијата овде е специфична, бидејќи се изведува со поврзување на кандидатот со стигматизираниот медиумски тајкун Велија Рамковски, кого Груевски го нарекува и „криминалец“ (додуша, тоа не е пренесено во овој извештај, туку во други).

Заклучок: На прв поглед, во одбрана на авторот на овој текст, би можело да се каже дека известувачот што известува во реално време не морал веднаш да побара изјава од засегнатото лице, за кое се изречени многу сериозни обвинувачки наводи. Но, фактот што другите онлајн-изданија пренесуваат изјави на кандидатот Пивковски (некои и други детали за случајот), укажува на тоа дека авторот, или евентуално уредникот на онлајн-изданието на „Дневник“ требал да се погрижи текстот брзо да биде дополнет со исказ на засегнатата страна.

Вака, со едностран извештај, при сензитивна ситуација на теренот пред вториот изборен круг, онлајн-изданието на влијателниот „Дневник“ може да придонесе еден од кандидатите да оствари решавачка предност, врз основа на еднострано и некоректно известување.

Рецензија: Изборни копја се кршат во малата општина Могила

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

Одговори