Кога се консултираат независни извори, може да се добие сосема друга слика на настаните.

Рецензија: Иванов ја заврши посетата на КанадаЛинк до анализираниот напис: Иванов ја заврши посетата на Канада

Датум и време на објавување: 25.04.2013, 12:05

Датум на рецензирање: 25.04.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост на факти: Повеќе медиуми, меѓу кои и порталот Скај, пренесоа вест за крајот на посетата на претседателот Ѓорге Иванов на Канада. Во овие вести се пласираат наводи за исклучителната успешност на посетата, пренесени преку македонски известувачи од настаните. За жал, како што ќе се утврди подоцна, медиумите невнимателно и рутински ги пренеле овие оценки, без да се посомневаат во точноста и веродостојноста на оценките и во изјавата на самиот претседател Иванов.

Извори на информации: Порталот Скај веста ја темели на една долга изјава на претседателот Ѓорге Иванов (не е наведено од каде е пренесена), со што шефот на државата се третира како единствен, бездруго официјален и релевантен извор. Но, за жал, едностран. Повеќе други медиуми пренесоа и оценки за настанот од друг, независен извор, канадскиот весник „Нешенл пост“, кој фрла сосема нова светлина на посетата на Иванов (пример Нова, 24 вести). Други медиуми, пак, главно провладини, или го игнорираат, или поинаку го толкуваат пишувањето на овој весник, според кој посетата на претседателот Иванов во Канада, сепак, поминала незабележано.

Содржајност: Поради отсуство на независни извори, но и недостиг на аналитичност на авторот, на веста на Скај ѝ недостасува другата страна на приказната. Веројатно поради рутинерско пренесување на веста, таа ја прикрива основната информација дека шефот на македонската држава не го добил соодветното ниво на прием во Канада.

Пристрасност: Иако Скај е познат како портал кој пренесува критичко мислење, рутинерскиот пристап придонел во оваа вест тој да се приклони кон политичката оценка на претседателот Иванов за наводната успешност на неговата посета на Канада. Средбата со „претседателот на Сенатот“, кому порталот ни името не му го спомнува (станува збор за Стивен Харпер), се толкува како доказ на успешноста на посетата, а при тоа се премолчува фактот што го регистрира канадскиот извор, дека премиерката на Онтарио требала да се појави на банкет во чест на Иванов, но тоа не се случило. Претседател на Сенат не е соодветната личност што треба да го прими шефот на државата, за да биде исполнет минималниот услов за успешност на таа посета.

Плагијат: Освен што се претпоставува дека веста на Скај е делумно пренесена, поради ненаведувањето на изворот, а ниту на авторот, тешко е точно да се одреди нивото на оригиналност на текстот.

Квалитет на насловот: Насловот со кој е озаглавен овој текст е од техничка природа и носи сосема небитна информација – дека завршила посетата на претседателот Иванов на Канада. Тој наслов не соодветствува ниту со содржината на самиот напис, кој предава јасна политичка оценка за успешноста на посетата.

Фотографија: Во принцип, информациите за меѓудржавни средби се илустрираат со фотографии кои прикажуваат средба – луѓе се ракуваат, заедно позираат и слично. На оваа фотографија претседателот Иванов е сам (Фројдовска грешка?), а само знамињата во позадината, на некој начин, го поврзуваат со настанот.

Заклучок: Многу е важно,секогаш кога тоа е можно, а особено кога се пренесуваат туѓи репортерски извештаи за настани од ваква природа, да се користат независни извори. Често тоа не е можно, бидејќи независните извори не се секогаш отворени, ниту анимирани да ги коментираат настаните. Но, во овој случај имаме релевантен независен извор (еден од двата национални дневни весници во Канада), кој морало да се консултира. Отсуството на тој агол во веста на Скај, претпоставуваме, се должи на недоволна будност и љубопитство на редакцијата, а за очекување е дека вест за написот на „Нешенл пост“ овој портал ќе објави со извесно задоцнување.

Рецензија: Иванов ја заврши посетата на Канада

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

Еден коментар на “Рецензија: Иванов ја заврши посетата на Канада”

  1. Филип Стојановски on април 27th, 2013 8:16 am

    Линк до оригинален извор, новинарска анализа од канадски весник насловена „Претседателот на Македонија дојде во Канада, никој не забележа“ (Local Post: President of Macedonia comes to Canada, nobody notices).

Одговори