По долговремено молчење пред јавноста, Утрински излезе со своја вистина за примените хонорари на вајарката Валентина Каранфилова Стефановска. Ова би бил голем успех за која било редакција, ако се знае фактот дека авторката и официјално е посочена како апсолутно најнаградуван уметник на овие простори, во кое било време. Таа сега има потреба да објаснува пред јавноста – зошто примила толку високи хонорари, зошто УЈП не ја споменува во милионерите од наше тло, како таа ги добива сите главни споменици и како воопшто успева да одговори на обврските?

Ова се секако само дел од можните прашања, кои во разговорот ги нема или ние не ги гледаме во финалната верзија?

Рецензија: Разговор - Моите хонорари се најмалиЛинк до оригиналниот напис: Разговор – Моите хонорари се најмали

Датум и време на објавување: 25.04.2013, 16:59

Датум на рецензирање: 27.04.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост на факти:

„Какви три милиони евра? Едвај десет отсто од нив остануваат за авторот на проектот. На скулптурите работев речиси шест години, некогаш од утро до утро, често ги запоставував и децата поради работа… Може да се пресмета дека месечниот надомест, всушност, би ми бил колку една посилна просечна плата во Македонија. На удар сум на политички инсценирани напади, јавноста и граѓаните добиваат сосема погрешна перцепција, лани дури и ми го ограбија домот, но не најдоа ништо. Сепак, ме радува тоа што никој нема забелешки на изгледот на скулптурите“ – изјавува на стартот на својата „офанзива“ во медиумот соговорничката.

Ова е само пример на разговор во кој соговорникот практично го искористува „дадениот простор“ на еден ценет дневен весник, место разговорот да биде мегдан на аргументи и поле на изразени сомнежи кои јавноста го има кон нејзината појава и е повод да се спроведе контроверзниот проект „Скопје 2014“.

Извори на информации: Авторот на текстот користи два извори на информација – пресот на министерката за култура како еден вид завршна сметка на Проектот „Скопје 2014“ досега и самите изјави на авторката. На пресот беше кажано дека скулпторката добила вкупно 2.943.050 евра за сите овие проекти и тоа поединечно:

„За „Воинот на коњ и фонтаната“ – 649.000 евра, 303.512 евра за „Порта Македонија“, за скулптура на мостот „Око“ – 105.000 евра, за споменикот на Христо Татарчев – 97.667 евра, „Воинот со фонтана на плоштад Карпошово востание“ – 1.487.900 евра, 302.071 евра за „Коњаник и фонтана“ во Гази Баба.“

Скулпторката вели дека од сите тие пари неа одвај да ѝ останале 10 отсто, бидејќи, имала големи влезни трошоци од наведената сума и дека тоа значи дека за сето тоа време практично примала само просечна месечна плата (!).

Од авторот на текстот треба да се очекува да употреби дигитрон и да пресмета дека таа за шест години (колку што тврди таа дека работела, што не е точно, освен ако не знаела однапред дека ќе победи на конкурсот за Воинот на коњ, првата скулптура, распишан на крајот на март 2007 г.) добивала месечен надомест од 41.700 евра! Дури и да земала 10 отсто од таа сума, како што вели, тоа се 4.170 евра, што сепак е далеку од чија било плата во земјава.

Секако дека авторскиот, уметнички труд не се споредува на тој начин, но изборот на споредбата (моделот) е на Валентина Стевановска, а новинарот треба да се послужи со малку математика.

Содржајност: Изјавите на Стевановска за Утрински повеќе отвораат прашања отколку што одговараат на интересот на јавноста. Да речеме, кога таа вели дека за Порта Македонија добила само 500 евра, а конкурирала на конкурс за млад автор, треба да биде прашана – од каде па таа станала млад автор кога е во зрели години, во најмала рака! Дали таа смеела да се јави на таков конкурс, без оглед што во уметноста влегува после 35-тата година! Значи можела да биде само автор – почетник, евентуално…

Пристрасност: Со самиот факт што написот има огромен број на пропуштени прашања, се покажува наклонетост. Скулпторката веројатно плански искористува што написот излегува во Утрински, кој од актуелните дневни весници се покажува најмалку наклонет кон власта, за да „заработи“ релевантна симпатија, па дури и сожалување (хонорарот е никаков, дома имала две деца кои не ги видела, работела во лоши услови, студени хали и слично), ама нема детали кои заслужуваме да ги дознаеме – кој е тој што ѝ изнајмувал скапи хали, кои се нејзините соработници (ако се релевантни имиња тогаш тие се вистинските автори или барем коавтори!) и слично.

Коментирање: Авторот не ја искористил можноста барем низ некаков мини-коментар да се огради од она што евентуално не стигнал да праша или било дел од претходен  договор (кој важи за „ѕвезди“) –  се знаат прашањата на кои ќе се одговара. Или пак не му било одговорено!

Да се зема како доказ за „сиромаштијата“ на авторката фактот дека крадци и провалиле дома и немале што да ѝ земат (!) е навистина за некаква „новинарска школа“ за нереагирање или импресионираност од соговорникот.

Плагијат: Текстот е авторски.

Квалитет на насловот: Насловот директно посочува дека она што го тврди Министерството за култура фактички не е точно и дека таа безмалку е измамена во овие проекти.

Заклучок: Написот во Утрински е едно големо разочарување за јавноста, особено за стручната, бидејќи, еден угледен весник дозволува да биде изманипулиран и после признанието на Министерството за култура за висината на хонорарите во Проектот Скопје 2014, да послужи како простор за релативизација на изнесените факти за тоа како некој станал од непознат уметник вистински богаташ.

Рецензија: Разговор - Моите хонорари се најмали

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

2 Коментари на “Рецензија: Разговор – Моите хонорари се најмали”

  1. Ајван Доктор® on мај 7th, 2013 9:06 am

    Во самиот текст авторот на „Воинот“наведува дека 6 години работела на скулптурата!Тоа е уште една манипулација со јавноста,затоа што самиот проект е обзнанен,ако добро се сеќавам,во 2009 година!Самиот споменик е поставен во 2011 година!Оттаму дури и оној кој е скаран со математиката може да забележи дека нема ниту 3 години во изработката,затоа што верувам дека,дури и ако постои некој конкурс,тој бил објавен многу подоцна од 2009 година!Една од манипулациите која никако не ми се разјаснува е трошокот за кој самиот проектант наведува дека вкупната сума на Воинот,коњот и фонтаната е околу 10.000.000 евра!Што тогаш плаќале,ако самата Валентина наведува дека својот вкупен хонорар од 650.000 евра го потрошила на материјал,припрема,изнајмување атеље,леење,поставување,плаќање на работниците?!?!Тоа е главниот спин,кој посочува на огромна манипулација со сумите потрошени за лудиов проект!

  2. Слободан Петровиќ on мај 10th, 2013 6:21 pm

    Не откажувајте се, само продолжете, супер сте!

Одговори