Кога анонимката ќе стане „извор на информација“, а новинарите не сакаат да ја слушнат другата страна.

Рецензија: (ФОТО) Скандал во Центар - луѓе блиски на Жерновски рушат објекти низ општинатаЛинк до оригиналниот напис: (ФОТО) Скандал во Центар – луѓе блиски на Жерновски рушат објекти низ општината

Датум и време на објавување: 29.05.2013

Датум на рецензирање: 29.05.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост: Написот на Прес 24 за наводниот нов скандал во скопската општина Центар се темели на наводи од анонимна претставка, од кои за некои веќе знаеме дека се апсолутно неточни. Имено, во текстот се тврди дека анонимниот скопјанец се обратил и до надлежните во општината Центар, но оттаму не му одговориле. Од написи во други медиуми, може јасно да се види дека е одговорено на претставката на скопјанецот и дека се преземени и соодветни дејствија на теренот.

Извори на информации: Читателот не може да ја утврди релевантноста на наведениот извор, поради едноставниот факт што тој е анонимен. Прес 24 го крие идентитетот на граѓанинот, што би било оправдано, доколку постои страв од последици (одмазда) и доколку наводите во неговата анонимна претставка се проверат.

Со оглед на фактот што авторот не извршил проверка на наводите, туку веднаш произвел „скандал“, градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, се чини со право, бара порталот да го обелодени идентитетот на подносителот на претставката, за да поднесе граѓанска тужба за клевета.

Во принцип, новинарот мора да биде свесен дека при неоткривање на идентитетот на својот извор, самиот ја сноси одговорноста за (не)точноста на кажаното и за последиците.

Содржајност: Веројатно ненамерно, во отсуство на потреба да се слушне другата страна, написот прикрива важни информации поврзани со приказната што ја пласира – фактите за извршениот инспекциски надзор на спорните локации и за преземените дејствија на инспекцијата.

Пристрасност: Лажната информација дека општината Центар сѐ уште не одговорила на претставката на скопјанецот за „уништување на базени и спортски објекти“ и спинот дека зад таа работа стојат „луѓе блиски на Жерновски“ (теза што градоначалникот на Центар сака да ја оспори на суд, во процес за клевета), сведочат за една очигледна политичка наклонетост, односно желба за упорно денунцирање на најпопуларниот опозициски градоначалник.

Коментирање: Написот е воведен со сугестивна реченица во лидот, присутна и во насловот – скандал во општина Центар! Таа му дава тон и го определува аголот на целиот текст.

Фотографија: Текстот е придружен со галерија од три фотографии, што ги испратил анонимниот скопјанец до редакцијата на Прес 24. На првата се гледа некаков објект (нема објаснување за што станува збор), а втората и третата фотографија, всушност, се факсимили од претставката, како неуверлив „доказ“ за „уверливоста“ на написот.

Заклучок: Разоткривањето на наводни скандали, особено во услови кога централната власт е мотивирана акциите да ги поткрепи со докази (типичен случај за тоа е скопската општина Центар, сега раководена од опозициски градоначалник), треба повеќе да се потпира на аргументи, а помалку на анонимни претставки. И секако, секогаш мора да се почитува златното правило „да се сослуша и другата страна“.

Рецензија: (ФОТО) Скандал во Центар - луѓе блиски на Жерновски рушат објекти низ општината

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

Еден коментар на “Рецензија: (ФОТО) Скандал во Центар – луѓе блиски на Жерновски рушат објекти низ општината”

  1. Рецензија: Скандал во Општина Центар on јуни 7th, 2013 12:21 pm

    […] е еден од низата последователни обиди во неколку медиуми да се деградира личноста на новиот градоначалник на […]

Одговори