.

„Борбата за поздрава и почиста околина треба да се добие со ограничување на моторизираниот превоз, а не со константно промовирање бесплатни паркинзи. Не дека бесплатното паркирање нема да донесе предности за возачите, но се добива впечаток како единствено автомобилите да добиваат третман, а проблемите со останатиот алтернативен превоз ѕирка од заднина, од втор план. Во јавноста постојано се сервираат услуги за возачите, разни карти, бесплатно и зонско паркирање, а на тој начин се стимулира употребата на автомобили и се зголемува аерозагадувањето“.

Во написот за кој станува збор, по бенигниот воведен збор за темата, на индиректен начин се напаѓа една од ретките одлуки кои ги носи новиот градоначалник на Центар – Андреј Жерновски, за да продолжи негативниот одиум што кон него го градат провладини интересни групи. Во прашање е прогласувањето на територијата на Центар за бесплатен паркинг за жителите на Општина Центар, која овој пат предизвикува реакција „од еколошка страна“, како пример за мерки кои ја загадуваат човековата околина.

Рецензија: Со помалку автомобили до поздрава околинаЛинк до оригиналниот напис: Со помалку автомобили до поздрава околина

Датум и време на објавување: 26.05.2013, 15:21

Датум на рецензирање: 27.05.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Во споменатиот текст во Утрински се напаѓа една одлука која е донесена и зад која стои градоначалникот. Жерновски со неа сака да им олесни на оние кои живеат во Центар да можат да го паркираат сопственото возило во близина на својот дом, да живеат нормално, бидејќи тие имаат најмногу право да паркираат онаму за што веќе платиле со купувањето на станот.

Извори на информации: Повод за текстот е наводната реакција на еколошки здруженија, но авторот зема изјава од претставник на само една еколошка организација, а и таа изјава е општа и се однесува на целиот град и неговата загаденост! Ама другите градоначалници се од владината партија, па не треба ниту да се споменуваат!

Содржајност: Идејата за загадување на градот со користење на автомобили не може да се врзе за Центар, бидејќи такви одлуки за ослободување на своите граѓани имаат и општините Карпош, Гази Баба, Чаир… Всушност одлуки за плаќање на паркинг имаат само две општини (Центар и Аеродром).

Жителите на Центар се во нерамноправна положба со другите општини и кон нив не може да се гледа со поинакви очи во однос на другите скопјани! Тие имаат право да користат автомобил, како што имаат и другите сограѓани „на свој терен“, а паркинг ќе плаќаат ако заминат во друг атар.

Вака, како што е поставена тезата, значи дека жителите на Центар не треба да имаат ни автомобил, бидејќи, ако го имаат, ќе мора некаде да го паркираат и не треба да бидат за тоа казнувани.

Пристрасност: Авторот не го прашал „спорниот“ градоначалник или барем не нѐ потсетува на причините заради кои Жерновски ја донел одлуката. Не консултирал и други екологисти и не ја расчистил дилемата дали загадувањето е од автомобилите или од масовната изградба на објектите од проектот Скопје 2014 година, кои се повеќе од сериозни загадувачи.

Впрочем, скокот на загадувањето стана токму кога никнаа градилишта на сите страни, што авторот на текстот не го ни споменува. Вака „колата треба да се скрши“ на – Жерновски.

Плагијат: Авторот е познат проследувач на градските настани од скопската рубрика и тој треба добро да го познава поширокиот контекст на проблемот со паркинзите.

Квалитет на насловот: Насловот е несоодветен и од него не може да се насети каде ќе оди „острицата“. Се оди со општ „заклучок“ дека автомобилите загадуваат, секако насекаде, ама потоа од текстот излегува дека жителите на Центар имаат повеќе вина од другите сограѓани!

Фотографија: Дадена е фотографија од градска тисканица, како и од велосипедист кој лесно се пробива низ метежот. Заклучок – жителите од Центар треба да го преферираат велосипедот? Дали само тие…

Заклучок: Новинарот не навел дека иста таква одлука, меѓу двата изборни кругови, во истата општина, донесе и стариот градоначалник Тодоровиќ. Интересно е дека ниту тогаш тоа заслужи ваков текст, ниту пак сега се прави барем компарација. Ова е секако врвен доказ за смислена опструкција на актуелниот градоначалник Жерновски.

Рецензија: Со помалку автомобили до поздрава околина

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

Одговори