Едностран напис кој користи само обвинувања од една страна и ги претставува и ги наметнува како непобитна вистина.

Рецензија: Наместо хонорари за Управен одбор во Охрид се делеле гробовиЛинк до оригиналниот напис: Наместо хонорари за Управен одбор во Охрид се делеле гробови

Датум и време на објавување: 25.06.2013, 10.09

Датум на рецензирање: 26.06.2013

Рецензент: Соња Здравеска

Вистинитост: Во текстот се изнесени тврдења и обвинувања за кои авторот нуди малку или воопшто не нуди поткрепа. Иако тој делумно се повикува на официјални податоци, поголемиот дел од текстот се состои од тврдења за кои нема доказ, туку тие се само обвинувања од неименуван извор.

Извори на информации: За главното тврдење во текстот, искажано и во насловот, написот се повикува на анонимни извори („според нашите извори“). Искористена е и неодамнешна изјава на в.д. директорот на јавното претпријатие „Градски гробишта“ Зоран Симоноски, како и податоци за финансиското работење на претпријатието. Понатаму, се спомнуваат „делумни анализи“, без да се прецизира кој ги направил, иако од текстот се насетува дека се работи за анализи на новото раководство.

Содржајност: Во написот нема изјави од сите засегнати страни – авторот не ги контактира функционерите кои се обвинуваат, односно ја нема нивната страна на приказната.

Пристрасност: Со оглед на тоа дека се потпира само врз една страна на конкретната приказна (новата локална власт во Охрид), текстот е неизбалансиран и пристрасен. Официјалните финансиски податоци на јавното претпријатие се комбинираат со конкретни обвинувања од неименувани извори за да се создаде слика дека поранешното раководство работело недомаќински. Притоа, ја нема страната која се обвинува, т.е. ниту еден од прозваните функционери не е прашан околу обвинувањата.

Коментирање: Потпирајќи се само делумно врз официјални податоци, а делумно врз анонимни извори, авторот уште во првата реченица заклучува дека работењето на поранешната локална власт било „криминално“. Обвинувањата кои ги изнела новата локална власт се претставуваат како непобитна вистина, а местата на кои авторот коментира („Поранешниот охридски градоначалник Александар Петрески поради недомаќинското работење ги остави охридските јавни претпријатија во долгови до гуша“) не се издвоени од фактите.

Оригиналност/Плагијат: Се работи за оригинално дело, но авторот не е потпишан.

Квалитет на насловот: Насловот на текстот е соодветен на содржината на текстот, но проблемот е во тоа што тој содржи тврдење чија вистинитост авторот ја зема како веќе утврдена и непобитна, иако се работи за обвинување изнесено од само една засегната страна во приказната.

Говор на омраза: Поранешните охридски локални функционери во овој напис се прогласуваат за криминалци, без да постои каква било одлука на орган којшто може да ја утврди нивната вина. Со ова, се добива впечаток дека со текстот, авторот има намера да ја дискредитира довчерашната политичка гарнитура во градот.

Заклучок: Кога се користи едностран пристап, со кој обвинувањата на само една страна во конкретната приказна се претставуваат како вистина, читателот не ги добива сите информации. Со ова, иако во него има конкретни податоци и факти, текстот изгледа како обид за нечија дискредитација, наместо напис кој треба избалансирано да информира.Рецензија: Наместо хонорари за Управен одбор во Охрид се делеле гробови

.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

Одговори