Текстот што е предмет на рецензија требало да е вест, но на крај се претворил во текст која не ги содржи сите барани елементи за овој жанр. Веста во случајов е употребена како вовед за коментар, при што на крај се добива микс од два жанра, во која недостасуваат многу елементи за да бидат исполнети барем минимум новинарски стандарди.

'Пулс 24 - Фото_ Алекс Ружин го нападна Карло Бос'Линк до оригиналниот напис: Фото: Алекс Ружин го нападна Карло Бос

Датум и време на објавување: 25.07.2013

Датум на рецензирање: 26.07.2013

Рецензент: Теофил Блажевски

Извори на информации: Текстот содржи еден извор – Фејсбук профил на корисник. Бидејќи новинарот не навел дали го контактирал корисникот на профилот, ниту пак навел од каде е земен скриншотот (без оглед што станува збор за „официјална страна“) и потоа направил текст, изворот не може да се смета за релевантен.

Содржајност: Веста е несеопфатна, бидејќи не се занимава со целиот контекст на објавата, туку само ги констатира и потоа се коментира.

Фотографија: Фотографијата не е класична туку станува збор за скриншот од Фејсбук профилот на споменатиот субјект во веста. Но, овој скриншот-фотографија е соодветен за текстот и е информативен, а со разместувањето во веста дури е искористен како елемент на веста, како цитат кој треба да ја поткрепи главата на веста.

Говор на омраза: Навредливиот говор е употребен два пати, а со скриншотот три пати. Првиот пат во самиот скриншот, каде се читаат зборовите на субјектот, кој е предмет на обработка на веста. Вториот пат под скриншотот, кога се повторуваат истите зборови што можат да се прочитаат на фотографијата: „Така функционира ВМРО-ДПМНЕ“

И третиот пат во коментарот на веста, каде што се навредува дел од популацијата со генерализирано тврдење: … младите и неискусни синови на политичари кои наместо да се градат како вистински личности постојано го трошат своето време критикувајќи на Фејсбук“

Заклучок: Станува збор за текст што претендира да биде вест, но која на половина пат го загубила жанрот, па прераснала во коментар. Тука имаме лутање на жанрови, нерелевантни извори и дискредитација и дискриминација врз политичка основа (иако може да се забележи и да се дискутира и за јазичната дискриминација со употреба на лош кумановски дијалект) и тоа сторена на два начина – сo пренесување и во коментирањето. Веројатно поради желба да се истакнат вулгарностите употребени од страна на субјектот што е предмет на обработка на веста, неговите зборови прво се пласираат преку голема скриншот – фотографија, а веднаш потоа и текстуално се повторуваат. Ја исклучуваме можноста скриншотот да бил употребeн како илустрација, зашто на крај од краткиот текст тој е објавен уште еднаш.

На тој начин преку пренесување на зборови од извор кој е нерелевантен – содржина на ФБ профил на корисник која не е проверена со самиот корисник на профилот, во текстот со употреба на пренесени вулгарности се дискредитираат и политички личности и цела партија, но посредно и гласачите што гласале за таа партија:

„Нема да ме зачуди да го назначат за министер! Така функционира ВМРО-ДПМНЕ..“

Уште една дискредитација и дискриминација на политичка основа е направена во коментарот на веста. Овој пат се дискриминираат во целост децата на политичарите на партиите во опозиција, нејзините гласачи а се нуди и заклучок дека целата опозиција е таква и дека таа била нервозна:

„Со ова покрај тоа што го напаѓа Карло ја потврдува нервозата кај опозицијата што не може да ја добие подршката од народот. Како и секогаш, нервозата најмногу е видлива кај младите и неискусни синови на политичари кои наместо да се градат како вистински личности постојано го трошат своето време критикувајќи на Фејсбук“.

Сѐ на сѐ, лошо изработен текст кој не задоволува голем дел од новинарските стандарди, било да се од професионална, било од етичка природа.

recenzija-foto-aleks-ruzin-go-napadna-karlo-bos

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

Одговори