Сферата на интернет медиумите во Македонија е хаотична – тоа е факт. Како што е хаотична со кои било вид на медиуми во Македонија, де.

Уште на почеток, тоа не значи дека ни треба нов закон. Тоа значи дека треба да се почитуваат постојните пишани и непишани закони кои очигледно дека ако за некои важат, а за други не, на крај не важат за никој.

Пишува: Зоран Ричлиев

 

374454_10151753391699761_707941106_n

фото: sxc.hu/@rps115 (royalty free)

 

Еден од главните проблеми што не само познавачите на дигиталното новинарство, туку и публиката можат да го забележат во однос на понудата на новинарски содржини на интернет во Македонија, е лошиот однос на квалитет и квантитет.

Едноставно, има многу материјал, а малку од него е квалитетен. Таа грешка која како државна, демек демократична стратегија, ја направивме со телевизиите и радијата, сега ни се повторува со интернет медиумите.

 

ЗОШТО СЕКОЈ МОЖЕ ДА ОТВОРИ МЕДИУМ?

 

Затоа што може! Затоа што тоа е право му е загарантирано со Устав. Но, дали секој може да одржи медиум, да ја поседува неопходната општествена одговорност за да го прави тоа е друго прашање. Доколку медиумите работат еснафски и законски, нивното одржување е скапо – треба се да платат квалитетни новинари, фоторепортери и лектори, треба се купат скапи текстови и фотографии од локални и светски агенции, треба да се платат професионалци кои можат да работат 24 часа, односно трипати повеќе отколку во традиционалните медиуми, како весниците, треба да се биде присутен секаде и во секое време, треба да се изгради име и бренд за почит…

Но, доколку некој „медиум“ се сведе на бесправно крадење од конкуренцијата, правењето и одржувањето е многу ефтино – единствено ви треба тинејџер со компјутер, некоја бесплатна или пиратска веб платформа и 100-200 евра годишно за хостинг – сè друго е минимален труд на копи и пејст и бркање реклами со посетите на чело. Ако се има некое евро да се купи и злоупотреби и некоја фејсбук група направена за поддршка на некој кошаркар, турска серија или хуманитарна акција, тогаш овој вид тнр. „медиум“ многу лесно ќе го надмине првиот во секој поглед, па со време дури и во квалитет. Без тертип, лошото победува.

Од причина што кај нас постојат и првиот вид (тие што се обидуваат да работат еснафски и законски) и вториот (тие што чекаат на готово, без трошка труд), првиот почнува да се корумпира, па си вели:

– Зошто јас да работам легално, кога тоа никој не го гледа?

– Зошто јас да купам вест од агенција и да го наведам изворот кога конкурентот ќе ми ја копира и ќе ја потпише како своја?

– Зошто да плаќам квалитетни новинари кога конкурентот со едно „дете“ ја врши работата?

– Зошто морам да бидам новинар, кога знам како се лаже?

И така натаму…

Ако ја продолжиме битката на тертипи, на крај ќе нема кој од кого да краде, ќе останат само крадците, a новинарите ќе почнат да возат такси (што, сепак, е подобро отколку да најдат работа како лажачи за некоја политичка партија).

Кога би се средиле работите со авторските права, тогаш на пазарот ќе останат само неколкумина, затоа што толкав е капацитетот на оваа публика и овие клиенти кои се рекламираат. Тие неколкумина, се надевам, ќе се борат за квалитет, а не за квантитет на содржини, зашто ќе треба да изградат однос со публиката, ќе бидат малку и ќе бидат видливи со сите доблести и мани, кои во сегашнава ентропија на информации се губат до непрепознатливост.

 

ЗАБОРАВЕНИОТ АВТОР И НЕПОЧИТУВАНИОТ НОСИТЕЛ НА ПРАВАТА

 

Почитувањето на авторските права, односно плаќањето на трудот на авторот од секој што го користи, е императив за квалитетна содржина. Тој ќе создава квалитетен продукт зашто поскапо ќе го наплати. Инаку, зошто да учествува во експедиција на Хималаите и да прави репортажа, кога може со два клика да ја преземе од National Geograhic, на пример?

Цитирањето на изворот, па и со линк, не значи признавање и наградување на авторот, освен во ситуација кога самиот тој не го лиценцирал својот труд со тнр. Creative Commons лиценца, или, пак, комплетно го ослободил делото од надокнада за негово користење, дури и во комерцијални цели. Има доблести и во вредностите на „пиратската партија“, но тие не се релевантни кај нас, затоа што сите се пирати кои се борат меѓу себе.

Кај нас на интернет секој краде од секого и вели дека го прави тоа затоа што сите го прават тоа. Се појавија неколку лаици и помислија дека новиот закон за контрола и цензура на медиумите ќе им го реши авторството. Нема, затоа што тоа го „решава“ Законот за авторско право, но и другите веќе постоечки закони. Можеби за текст е малку потешко да се докаже, но за фотографија ситуацијата е чиста како солза. И за авторот и за носителот на правата на користење и за „крадецот“.

Само некој треба да тужи. Никој не сака, затоа што сите имаат сомнителни џамлии во џебот. Некои само неколку, некои само такви, ама сите пливаат во иста бара. Барата ем мала, ем матна, ем многу крокодили.

Дека ќе дојдат други времиња нема сомнение. Со самиот влез на Хрватска во ЕУ, на граница ги чекаа тужби за непочитување на авторски права, особено на фотографии. Главен што настрада е еден од најголемите хрватски портали во сопственост на меѓународна корпорација. Доби тужба од, верувале или не, 400.000 фунти. Стратегијата е да се удри силниот, помалите ситни далаверџии сами ќе се повлечат. Но, ние немаме такви грижи. Сè уште сме далеку од Европа, ќе одговори нашиот Итар Пејо од „Далавера медија“.

 

КВАНТИТЕТ, ПОГОЛЕМ КВАНТИТЕТ И СТАТИСТИКА

 

Квантитативното мерење на посетеноста на веб страниците може да се измери релативно точно, доколку сите инволвирани медиуми ги стават своите податоци на маса и доколку тој што мери ги знае „финтите“ за лажирање посетеност.

Има лага, поголема лага и статистика, нели? Селективното прикажување на податоците заведува, особено кога од другата страна стои некој како просечниот огласувач, кој не ја разбира или не сака да ја разбере работата, а во рака држи драгоцено купче пари. Македонија сè уште нема официјален рејтинг на сајтовите како по квантитет така и по квалитет на публика. Во она што деновиве се лиферува како идна официјална статистика видливи се пропусти каде не се земаат предвид различните видови на финти што може да се направат за да се „купат“ и „изглумат“ посети.

Конечно, квантитативната статистика на посетеност не кажува каде е подобро да се рекламира некој. Можеби клиентот не сака неговата реклама да оди до некоја бизарна вест, можеби сака да ја даде на место каде публиката се чувствува задоволно, информирано и со доверба гледа кон тоа што се прикажува на екранот.

За жал, во Македонија царува квази-квантитет и тој од сите нас кои создаваме содржина на веб, бара да станеме таблоидни. Жолтото носи посети, десетпати повеќе од другата содржина. Но, какви посети? Дали тој посетител што ќе кликне на некое морбидно видео од сообраќајна незгода е менаџер со висока плата, кој може да купи автомобил виден на банер, или е само тинејџер кој бара возбуда од две секунди? Пред кого сака клиентот да ја прикаже рекламата? Засега, сите прашуваат само колку е посетен некој сајт, а не како, од кои луѓе и дали тие му веруваат.

Кога сме кај рекламирањето има уште еден нов и клучен момент, кој на нашиот пазар се појави минатата година, а во светот е пракса веќе десетина години. Тоа е плаќањето на рекламата по број на прикажувања, тнр. CPM (Cost per Mile), а не според тоа на колку време сме купиле некоја позиција. Доколку се плаќа на време, тогаш колку се побројни посетите, толку рекламата ќе стигне до повеќе луѓе, но доколку платите по број на импресии, ќе добиете точно толку прикажувања колку што сте платиле без разлика на посетеноста на сајтот и тогаш ќе бирате поквалитетен сајт со публика која е покорисно да се таргетира.

 

ЗА АГРЕГАТОРЦКИТЕ РАБОТИ

 

Проблем 1: Многумина ќе ги споменат агрегаторите во негативен контекст како главни „крадачи“. Моето искуство од 15 години во интернет новинарството, како и законите, велат нешто друго. Агрегаторите не ја „копираат“ веста, тие информираат за нејзино постоење и пренасочуваат кон изворот. Тие користат само наслов и поднаслов, како и информација за фотографија со мала резолуција и воедно директно ве селат на оригиналната содржина. Тоа во светот се вика „политика на фер користење“, каде не се допираат авторските права, туку се информира за постоење информација.

Проблем 2: Друг момент со агрегаторите е дали тие имаат додадена вредност на информацијата и дали имаат право да им конкурираат на медиумите на пазарот на реклами. Правејќи една наивна аналогија со која било трговска дејност, тие имаат право на тоа, колку тоа и да не им се допаѓа на авторите. Барем со сегашните закони.

Имено, ние ретко ги купуваме „крушите“ од тој што ги произведува (аналогија на автор) – ние ги купуваме од супермаркет или од прекупец, од трговец (не е аналогија на агрегатор, туку на медиум). Трговецот бира купува па препродава по повисока цена, а агрегаторот е само како човек кој стои на вратата на пазарчето и ви кажува кој има најмногу „круши“, каде се „најтазе“ и од кого најмногу купуваат луѓето.

За таа услуга тој не бара пари од продавачите и производителите (а не бараат и тие од него), не бара ниту од публиката, но затоа има право да носи маичка со логото на некој телеком оператор, а денеска девет од десет луѓе што дошле на пазар ќе го видат, така и операторот и тој ќе бидат среќни, а нормално и производителите и купувачите, барем оние што имаат квалитетни „круши“.

Трет проблем, кој призлегува од постоењето на агрегаторите е тоа што факторот квантитет на содржини на медиумите е битен, затоа што станува збор за компјутерски алгоритми кои автоматски агрегираат и колку повеќе содржини им нудите толку повеќе ве агрегираат. Тоа врши уште еден притисок кон таблоидизација и илегализација на онлајн медиумите. Притиснати да имаат што повеќе содржини, медиумите почнуваат да импровизираат во однос на квалитетот и точноста на информацијата, а копирањето туѓ материјал, пак, е „од огромна помош“ затоа што тоа се прави во секунди за разлика од авторското пишување кое зема, минути, часови, денови…

И тука не се криви агрегаторите, криви сме ние што се направивме стотици и не се знае кој е кој, па агрегаторите се појавија како потреба – да разјаснат. Тие се место каде сите се собираат и медиумите и публиката. Да имаше само десетина медиуми со интегритет, никој немаше да ги посетува агрегаторите. И тие не се безгрешни, особено кога ќе се обидат да фаворизираат содржини што не е етички, но на тој начин треба да се свесни дека и тие си ја сечат гранката на која седат.

 

ЕВТИН МЕДИУМ = КОРУМПИРАН МЕДИУМ

 

За крај, силата на медиумот е во неговата независност како чувство дека негов сопственик е публиката на која и се обраќа. Комерцијалниот ентитет, или, пак, клиентот кој се рекламира, е само концесионер на јавниот простор, а не сопственик.

Доколку медиумите немаат финансиска моќ или, пак, се состојат од тинејџер во шорц и компјутер, тие многу лесно ќе бидат „злоупотребени“ од центрите на моќ, било комерцијални, било политички.

Затоа е битно медиумот да заработува – не за да се „богатат“ новинарите, кои во суштина имаат етички „оптеретена“ професија речиси колку докторите и свештените лица, туку да бидат храбри чувари на етиката и светло во тунелот на транзициски пореметените вредности.

 

(Овој пост ги изразува исклучиво моите лични ставови и неговата цел е предизвикување дебата и постепено договарање на фер правила на игра со цел подобри и поквалитетни медиуми на интернет)

Првобитно објавено на Фејсбук профилот на авторот на 27. јули 2013 година.

 


Оваа анализа е реобјавена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

Одговори