Откако-ги-стави-во-беља-МПЦ-и-Миладинови-Азманов-crop-resize

„Бизнисмените Орце Камчев и Зоран Азманов имале блиска средба на прославата на адвокатската канцеларија “Апостолски” што се одржа во четвртокот во МКЦ, јавуваат интернет-порталите. Истите извори наведуваат дека во пресметката, што се случила пред очите на стотината присутни гости, истакнати личности од политиката и јавниот живот, подебелиот крај го извлекол Азманов кој добил неколку шлаканици и си заминал предвреме со скината кошула.

Двајцата имаат свои верзии за инцидентот и за причината за пресметката. Азманов вели дека Камчев му барал пари, непостоечки долг додека Камчев рече дека не сака да го коментира настанот.“

Судирот на врвот на политичко-економско-безбедносната елита во клубот „Арабеска“, пет дена по тој настан, стана една од подоминантните во медимите. Навистина, една доста покуса вест имавме на некои портали два дена претходно, без извори или само врз основа на еден извор, но овде, веројатно и стратешки, е направена поширока сторија за еден ВИП настан. Дали има повеќе факти, повеќе извори и повеќе содржајност од другите? Поблиску ли е до критериумите кои обично тука ги бараме, особено кога еден од учесниците во тој настан е посочен уште во наднасловот како „ем навредувал ем повторно измислува дека сите освен него се силеџии, алкохоличари и лажговци“. Тоа, според медиумот, е доволен повод истиот да биде натепан и избркан од прославата, која нема официјален извор за опишаните проблеми за некои од поканетите, бидејќи, никој во тепачката не сака да пријави дека во „Арабеска“ нешто се случило.

 Откако ги стави во беља МПЦ и Милдинови, Азманов го мести и Орце Камчев

Линк до оригиналниот напис: Откако ги стави во беља МПЦ и Миладинови, Азманов го мести и Орце Камчев

Датум и време на објавување:29.10. 2013

Датум на рецензирање:29.10. 2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: А она што било во четвртокот – 24 октомври навечер, на прославата на една позната адвокатска канцеларија е добра основа за новинарско истражување, бидејќи укажува на некакво персонално „пресредување“ во врвот на моќниците во општеството, на она „кој е кој“. Од друга страна, тука било „осилото“ во кое никој не сака да чепка, особено не новинарите, кои се испечени од тужбите што кон нив се подигнуваат кога ќе спомнат некој од учесниците или сведоците на настанот.  Весникот не добил веродостојна слика за тоа што се случувало, или барем таква не се добива кај читателот, но авторот се одлучува да поверува на оние приказни и гледишта кои  ги крсти како анонимни или што кажувале во доверба.

Извори на информации: Текстот практично има само еден извор со име и презиме кој кажува своја вистина од „рашомонот“ во „Арабеска“ – Зоран Азманов. Неговиот опис е веројатно изнуден, така делува, ама е заокружен во однос на текот на настанот, поводот (долг на заеднички пријател) и крајот, кој не се знае ако заканата за користење на „органи кои треба да го кажат своето“ се обистини. Другите извори, според новинарските стандарди, не можат да ја имаат таа тежина како сторијата на Азманов, иако авторот очевидно им дава посилен третман токму ним.

Содржајност: Оттаму, приказната изобилува со факти, личности, суми кои не биле исплатени, учесници во „двобојот“, споменати лица од „оној свет“, само што за читателот не е јасно од каде фактите на оние кои остануваат анонимни ја добиваат предноста кај известувачот, така што тој веќе му пресудува и на еден од учесниците, токму оној кој е натепан, кој е незадоволен од третманот на веселбата и кој барем отворено говори?! Каде настанува тој „превалец“?

Пристрасност: И самиот автор е се чини  свесен за таа ситуација на несоодветни аргументи, па напомош потегнува еден куп стари приказни, што се вели од архивата на весникот (аферата Изгрев, наводната измама на акционерите во ЗИК Гоце Делчев од Трубарево, потоа од Интекс), со тоа што го зацрнува портретот на актерот во споменатиот настан, во стилот „таков е тој“! Ова е секако недозволив метод, особено што во тие афери весникот беше цело време наклонет кон една од страните, односно што постојано беше во војна со Зоран Азманов.

Коментирање: За да се добие таква противтежа на изнесената сторија на Азманов, кој нели говори во свое име, авторот се служи и со коментари. Тие одат во стилот „често е споменуван во јавноста поради учеството во неколку сомнителни бизниси, кои потоа станаа мега афери, но и поврзаноста со безмалку секој поголем судски случај во државата каде се јавува или како сведок, или како обвинет или како оштетен или со самата прва реченица „ и во неговиот добро познат стил на правење матни ситуации и забуни“, коментарите служат да го насочат читателот на „вистинскиот пат“, за да не се збуни во различните слики за судирот Азманов-Камчев.

Оригиналност/Плагијат: Текстот е несомнено авторски и е од оние кои исполнуваат цела страница, но е непотпишан, што само по себе остава лош впечаток и ја еродира веродостојоста, односно укажува на некакви можни додворувачки рефлекси.

Квалитет на насловот: Насловот е сам по себе обвинувачки за Камчев, како што е и спинувачки и несоодветен на она подолу – содржината никаде не ја оправдува споредбата на настанот со една од најголемите судски афери кај нас, ниту „местењето“ на еден од актерите во тој „шпил“.

 

Фотографија: Двете фотографии кои се користени за илустрација на текстот се класичен спин. На едната, првата , прикажан е Орце Камчев, кому текстот треба да му се допадне, како стои на работна маса а зад него има натпис Фондација (демек овој учесник во конфликтот е општествено корисен член на заедницата) а Азманов е покажан како пие некоја течност, па го покажува како потенцијален љубител на чаш(к)ата, иако тогаш човекот можеби пиел само вода!

Заклучок:  Според редоследот на објавените написи за конфликтот во „Арабеска“, јасно е дека овој кој е предмет на анализа доаѓа навидум како најсодржаен во известувањето за настанот, ама се покажува дека е напишан со задача да го „изравни теренот“, после настаната штета со објавувањето на куси, ама ударни вести за провладините тајкуни и нивното однесување. Ако веќе имало инцидент, барем цехот да го плати еден што е избран како помалку вреден во ВИП клубот тој ден.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВистинитост

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

делумно

infoVistinitostИзвори на информации

има евидентирани извори

официјални

релевантни

не може да се утврди

повеќестрани

infoVistinitostСодржајност

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПристрасност

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКоментирање

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПлагијат

оригинално дело

ненаведен автор

infoVistinitostКвалитет на насловот

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФотографија

има

соодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГовор на омраза

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУреден за веб

средно читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

Одговори