Новинарскиот шатор на Белмонт Универзитетот пред одржувањето на претседателската дебата Обама-МекКејн. Фото: Paul Chenoweth, 2008

Новинарскиот шатор на Белмонт Универзитетот пред одржувањето на претседателската дебата Обама-МекКејн. Фото: Paul Chenoweth, 2008

 

Во принцип, дебатата би требало да се оддржи дури и ако нема интерес кај една владејачка партија. Избирачите имаат право на медиумска дебата. Новинарите имаат право на медиумска дебата. Сите кандидати имаат право на медиумска дебата, и тоа право не смее да биде ускратено

 

„Новинарите имаат должност и привилегија да одат во потрага и да известуваат за вистината, да охрабруваат граѓанска дебата, која ќе ги гради нашите заедници и да му служат на јавниот интерес“, „Principles for Ethical Journalism“, The Canadian Association of Journalists.

 

Новинар(к)ите и медиумите имаат должност и привилегија да ја охрабруваат политичката дебата, особено пред избори. Недостатокот од отворена политичка дебата пред избори е сериозен показател за загрозена слобода на изразувањето.

Монолог и рецитација, наместо дебата и критичко опсервирање?

 

„Нашата, пак, болка е во отсуството на дебатата во сите можни сфери и критичкото опсервирање на стварноста. До нив, пак, не се доаѓа со драконски судски казни. (Никола Младенов, „Малешевски петарди“, 2012)

Високите казни и  селективната примена на законот на штета на слободата на изразувањето во никој случај не можат да бидат оправдување за газење, игнорирање или манипулирање со новинарските стандарди. Во ниту еден новинарски етички кодекс нема да најдете принцип или одредба која сугерира дека етичка должност на новинарите е само да ги пренесуваат „политичките монолози“ и „партиските рецитации“ на митинзи, или да ги сервираат пропагандистичките чинии зготвени во штапските пропагандни кујни, со кои се афирмираат актуелни политички моќници.

Напротив, во Прирачник за етиката во новинарството може да прочитате дека  „Слободата на медиумите подразбира право на „слободна дебата и слободна критика на партиско-политичките, цивилните и приватно-корпорациските чинители”.“ Не за џабе слободата на критичката дебата се смета за фундаментално право во едно демократско општество. Јавноста формира гледишта за идеите и ставовите на кандидатите за функции најмногу преку медиумите, па токму затоа медиумите и новинар(к)ите се одговорни за остварување на ова основно демократско право.

 

Каква одговорност имаат медиумите и новинар(к)ите?

 

„Новинарските гласила се платформа за јавна дебата…“ (Прирачник за етиката во новинарството)

На две седмици пред почетокот на првиот круг претседателски избори, јавноста воопшто не е информирана дали ќе има „претседателски дебати“ и на кои медиуми. Демократските медиуми се подразбираат како платформа за критичка јавна дебата, па оттаму е логично да се покрене прашањето дали ќе се одржуваат дебати во медиумите за време на изборната кампања. Во отсуство на релевантни информации од страна на кандидатите, некои медиумите почнаа да шпекулираат. На пример, Либертас се повика на дипломатски извори дека „сите освен актуелниот претседател Иванов сакаат и ќе учествуваат на таква дебата“, а според истите извори „Иванов бил спремен да ги вкрсти копјата со против-кандидатите“ ако добиел амин од „партијата која застана зад неговата кандидатура, односно од Никола Груевски.“ („Иванов ќе прифател дуел со Пендаровски ако добие амин од Груевски?!“).

Етичка должност на новинар(к)ите е да ја промовираат медиумската дебата на кандидатите за јавни функции како прашање од јавен интерес. На пример, во интервјуто „Хеншо – Состојбата со медиумите е причина за загриженост“ (15.03.2014) се укажува на важноста на дебатите при изборот на граѓаните за кого го дадат својот глас. Притоа, беше пренесена и оптимистичката изјава на претставникот на НДИ „дека овој пат ќе имаме дебати во кои ќе учествуваат четворицата кандидати“. Во написот „Има ли храброст за соочување“, пак, се  истражува дали има основа оптимизмот на претставникот на НДИ, и дали медиумите се заинтересирани за организирање на дебати. Новинарот укажува дека „единствено телевизија Телма излегла со самостоен концепт за организирање дебати и уредно доставила барања до партиите за учество на нивните претседателски кандидати во емисиите, како и за учество во евентуалниот ТВ дуел пред вториот круг на гласање“. И јавниот сервис МТВ изразил подготвеност „да организира и спроведе предизборна дебата според светските стандарди“, но само  „доколку има расположение и политичка волја кај политичките партии“.

 

Карикатура од претседателската дебата Обама-Ромни во Денвер. Фото: DonkeyHotey, 2012

Карикатура од претседателската дебата Обама-Ромни во Денвер. Фото: DonkeyHotey, 2012

 

Една седмица по почетокот на претседателската кампања, написот ТВ дуел, што беше тоа!?, критички прашува: „Ќе донесе ли предизборната трка и вистинска лидерска дебата?“ Авторот се повикува на експерти кои шпекулираат колкава е веројатноста да се одржи претседателска дебата и тв-дуел помеѓу лидерите на најголемите политички партии. Дел од експертите воопшто не ја истакнуваат важноста на дебатите, туку се обидуваат да ги објаснат одлуките на политичарите кои ги минираат дебатите и на медиумите кои се помириле со избори без дебати.  На пример, одговорноста за неодржувањето на дебати не се лоцира во конкретни политичари и медиуми (пред се, јавниот сервис), туку во „кавгаџиската“ политичка култура која ни станала традиција: „Во таква „кавгаџиска“ атмосфера, просторот за политички дуел како форма на комуникациски натпревар на идеи, ставови и аргументи пред јавноста, едноставно не е можен.“ Или, пак, експерт заклучува дека јавноста „се навикна на таквата ситација“, „дека граѓаните не сакаат медумски да учествуваат во таква дебата“ (како телевизиското соочување помеѓу Љупчо Георгиевски и Бранко Црвенковски“) и дека „ваквиот тип на соочување нема ништо да смени“ кај поделените граѓани.

Ваквите медиумски пораки сугерираат дека граѓаните и новинар(к)ите треба да се помират со притисоците и попречувањата на отворени медиумски дебати и дека дебатите не се толку важни за изборот на граѓаните. Новинар(к)ите треба да се оградуваат од вакви пораки затоа што се спротивни на етичкиот имепратив дека „Новинарите и медиумите не смеат да попуштат пред каков и да е притисок, од каде и да доаѓа, а чија цел е да се попречат отворени дебати, слободниот проток на информации и слободниот пристап до изворите“ (Прирачник за етиката во новинарството).

 

Како етично да се постапува во случај на откажување или попречување на дебата?

 

„Дебатите, критиките и објавувањето на вестите не смее да биде попречено од страни кои не се подготвени да дадат информации, коментари или да учествуваат во дебати.“ (Прирачник за етиката во новинарството)

На јавните предизборни дебати се покренуваат прашања од интерес на јавноста, па оттаму се подразбора дека кандидатите за јавни функции по правило учествуваат на медиумски дебати. Ако одредена политичка партија или одреден кандидат не сака да учествува на медиумска дебата, дебатата, сепак, треба да се одржи, а јавноста треба да биде информирана за причините за неучеството, како и за евентуалните притисоци (кои треба да бидат подложени на медиумска критика како недемократски чин). Ако одреден кандидат (или кандидатка) избегнува дебати или одредени теми и прашања од интерес за јавноста, новинар(к)ите имаат етичка должност да ја информираат јавноста дека кандидатот (или кандидатката) не го почитува јавниот интерес.

На пример, во прилогот „Игнорирањето е метода на несигирните!“ ТВ Телма постапи согласно етичките принципи и ја информираше јавноста дека еден од претседателските кандидати повеќе од две седмици не ги удостојува со одговор дали ја прифаќа поканата за дебата или не. Во емотивното јавно обраќање, од една страна, се протестираше против „нерамноправен пристап до информациите, нелојална  конкуренција на медиумскиот пазар поттикната директно од владата и обид за потценување.“ Од друга страна, следуваше јавен повик за учество во дебатна емисија: „Во духот на новинарската професија и професионалноста, не игнорирајќи никого, повторно кажуваме , повелете на дебатна емисија, сите кандидати за претседател, и покажете дека им велите не – на наместените и со однапред  познат исход разговори, од кои си заминувате среќни, задоволни, насмеани и вооодушевени самите од себе, бидејќи им покажавте на сите дека – ви се може!“

Останува да се надеваме дека дебатни емисии, сепак, ќе има, со присуство на сите претседателски кандидати, и не само на ТВ Телма, туку и на јавниот сервис, и на други медиуми. Да потсетиме, во финалниот извештај на ОБСЕ за локалните избори во 2013 беше забележано дека „МРТ-1 не организираше никакви дебати“ и дека „Одреден број обиди за организирање дебати на приватните медиуми пропаднаа, наводно поради немање интерес кај владејачката ВМРО-ДПМНЕ“.

Во принцип, дебатата би требало да се оддржи дури и ако нема интерес кај една владејачка партија. Избирачите имаат право на медиумска дебата. Новинарите имаат право на медиумска дебата. Сите кандидати имаат право на медиумска дебата, и тоа право не смее да биде ускратено. Без медиумски дебати кои ќе им овозможат на гласачите да направат „информиран избор“ меѓу кандидатите, тешко може да се зборува за слободни и фер избори.


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

Одговори