Приштина, 2011. Фото: Brankinha

Приштина, 2011. Фото: Brankinha

 

Вистинскиот дипломатски уредник, како и секој добар дипломат мора постојано и постојано да се движи на релацијата од една до друга крајност, а постојано фрлајќи око на – развојноста.

 

Пишува: Сашко Тодоровски, Дипломат од кариера / Ополномоштен министер

 

Во претходното размислување за Македонско- косовските односи, појдовме од една од најчестите грешки во известувањето за меѓународните односи – пренесувањето парцијална информација или тнр. грешка „pars pro toto“ – кога дел од едно цело го претставуваме, свесно или не, како целина, за да посочиме и елаборираме една клучна разлика меѓу дипломатот и новинарот: додека дипломатот во најголем број случаи не смее да ги обелоденува своите сомнежи и претпоставки, за еден квалитетен новинар тоа е една од основните алатки.

Оттука, како и зошто дојде до таа, да ја наречеме „септемвриска трговска војна“ нема да можеме да ја објасниме или барем да си ја објасниме, доколку ја гледаме изолирано или стерилизирано, односно без хипотеките на минатото. Новинарите, веројатно, многу често се судираат со некултурна и неконструктивна критика, доколку „чепнат“ во деликатни теми. Долги години македонскиот политички естаблишмент ја пласираше тезата дека Македонија никогаш не била во судир со Албанија и на тој начин придонесуваше сите ние да се апстрахираме од историскиот факт дека Втората светска војна во и за Македонија продолжи уште добра половина година по ослободување од окупаторите заради судирите со балистичките структури. Дотолку повеќе јавноста, но и политичките структури беа „глуви“ за индикациите и предупредувањата и беше целосно изненадувањето кога на Македонија ѝ се случи токму судирот со УЧК.

 

Септемвриската трговска војна

 

Дали септемвриската трговска војна е таков индикатор или своевидно предупредување дека настаните од 2001-та можат да се повторат? Се разбира дека не. Но, тие се добар повод да се повторат барем уште неколку пати лекциите научени од минатото. Во медиумските јавувања за таа трговска војна можеби најмногу недостасуваа изјави на косовски граѓани! Како тие го доживеале сето тоа, кого тие обвинуваат, како тоа може да се одрази на она што се нарекува социјална, за разлика од политичката релација. Токму за да се избегне таквиот дисбаланс, во дипломатското дејствување се применува едно непишано правило: контактите со домашната средина треба да бидат во соодносот 6:3:1. Првото е позицијата, второто е опозицијата, а третото е она што најчесто се заборава: индивидуата или граѓанинот. Дали од тоа ќе произлезат некои сосема спротивни заклучоци или дури и, како што во коментарите ќе бидат наречени апокалиптични сценарија, како што е тоа случајот со „предупредувањата“ на Милан Аџиевски изнесени на порталот МКД.мк и тоа во неколку наврати? Тој поаѓа од стравот дека Македонија за 20-тина години ќе ја снема заради тоа што:

„… За оние што го заборавиле ова, нека биде потсетување, а за другите, но и за сите, еве друг факт: Основачот на политичката организација „Природна Албанија“ Коча Данај е директор на Институтот во Тирана со многу индикативно име „за регионална прогноза“. Тој е поранешен советник на тројца албански премиери, па поради тоа не може да се смета како политички маргиналец. Без какви и да било метафори, тој неодамна им даде препорака на Албанците дека треба добро да се организираат со нивните изборни листи за да учествуваат на сите избори во оние држави во кои живеат Албанци. Тоа e првата фаза, а во втората Албанците треба да организираат референдум во сите соседни држави на Албанија за да ги остварат своите политички намери за обединување! Генезата на ваквиот албански агресивен етноцентризам влече корен уште од времето кога Албанија била призната како независна држава на Конференцијата во Лондон на 29 јуни 1913 година од тогашните креатори: пред сите Австро-Унгарската монархија и Германија, со ветување дека територијата на нивната држава ќе биде од Јадранскиот брег до западниот брег на Вардар(!), заради попречување на тогашните руски интереси да ја контролираат Отранската врата на Јадранот. Од младотурската револуција, преку Првата и Втората Призренска лига, Првата и Втората светска војна…преку 2001-та, па до денес, трае и непречено се одвива тој процес на албанска експанзија. Бандитите и разбојниците на Џорџ Робертсон беше флоскула што Љубчо, Никола, Бранко, Фрчко… ја лапнаа како клен млада жаба. Не прочитаа дека Али Ахмети на 22 март 2001 година на репортерот на „Њусвик“ му изјави: „Борбата што ја почнавме има единствена цел – да ги отстраниме словенските сили од територијата што е традиционално албанска!“ Дека неговиот, наводно лут политички противник, Мендух Тачи, го мисли истото, еве потврда:„Албанците почнуваат вооружена борба заради ослободување на нивните територии во Македонија“, е негова изјава во „Њујорк тајмс“ од 16 март 2001…“

 

Скопје, Стара Чаршија, 2011. Фото: Brankinha

Скопје, Стара Чаршија, 2011. Фото: Brankinha

 

Мала е веројатноста дека е случајност тоа што до овие размислувања на Аџиевски се стига преку актуелното јавување, или поточно на 19 април 2014 г., на истиот портал МКД.мк, а каде се известува за ставовите на Ахмети изнесени во актуелната кампања:

„Работиме за поголема слобода, поголема демократија, на зближување и соединување меѓу народите, за стандардите кои ги воспоставува Европа за отстранување на границите, рече Али Ахмети, лидерот на ДУИ на митингот во Куманово. Според него, ништо лошо нема да им се случи на граѓаните во Македонија, Косово и Албанија ако се отстранат границите, луѓето ќе можат слободно да се движат ќе се овозможи слободна размена на стоки.“

Колку и да звучи предизвикувачки идејата на Ахмети, неспорно е дека во некој момент е добро да се запрашаме зошто токму овие три земји? Зошто не Србија, Црна Гора или Елинската Република? Не се далеку ниту Бугарија, БиХ и Хрватска. Можеби од овие причини порталот ни понудил линк токму со размислите на Аџиевски, за некого апокалиптични, но, за оние постарите, што се сеќаваат со својот ум на крајот од 70-тите и почетокот на 80-тите години од минатиот век и не така апокалиптични. Имено, редица видни имиња од редот на албанската народност и во Македонија и во Србија во тоа време со силен глас извикуваа дека Косово не е и нема никогаш да биде територијална закана било по Србија било по СФР Југославија. Косово е денес реалност со која и Србија мора да се соочи и точно тоа, на овој или оној начин – го прави.

 

Старите кавги не се разрешуваат, тие се менаџираат

 

Она што, пак, порталот МКД.мк пропуштил, е да ни даде линк, на пример, и до Нацрт- програмата за прекугранична соработка на Македонија и Косово 2014–2020 (Телеграф). Или, уште повеќе, да се направи врска дека најавата за оваа програма дошла токму во ударното време на септемвриската трговска војна. На 10.09.2013, АЛСАТ најавува дека:

„Културното наследство, заштитата на животната средина, инвестициите во пограничните региони и образованието ќе бидат клучни теми на кои ќе се фокусират проектите за прекугранична соработка меѓу Македонија и Косово, со поддршка од европските фондови ИПА 2. (…) Откако ќе се изберат проектите, финалната верзија ќе биде испратена до органите на Европската Унија кои треба да дадат зелено светло и да одвојат фондови. Вкупниот износ на програмата е 3,6 милиони евра за двете земји. По 1,8 милиони евра за Република Косово и Република Македонија. (…)

Или, со други зборови, Европската комисија го применува искуственото правило дека старите кавги (од кои произлегуваат нови судири) не се разрешуваат туку се управуваат (менаџираат). Дали е тоа применливо и од аспект на надворешно- политичкото поставување на Македонија спрема Косово?

 

Македонско-косовска граница, 2008. Фото: David Bailey

Македонско-косовска граница, 2008. Фото: David Bailey

 

Исто како и еден дипломат, добриот новинар не смее да ја направи грешката pars pro toto и постојано и упорно да ги гледа прашањата од меѓународната сфера, посебно во билатералните односи, низ призма на бројните дихотомии и дуализми. Во даденава ситуација веднаш паѓаат во очи еден екстровертен и еден интровертен дуализам. Првиот значи дека не смееме едно мислење или една група мислења да ги гледаме како репрезент на сите мислења. Наспроти на застапниците на Голема Албанија или територијално обединување на сите „албански“ територии има и противници (и на Косово и во Албанија) на повиците за насилно менување на државните граници. Интровертниот, пак, дуализам значи дека истите тие политичари во една пригода (март 2001 г.) силно и воинствено повикувале на национално единство, за неколку месеци подоцна (август 2001 г.) да го потпишат или поддржат Охридскиот рамковен договор, а кој почнува со една, денес заборавена или потисната во заборав (на Википедија дури и не се спомнува) императивна одредба дека Македонија е унитарна држава. Нешто „подобро“ е со публикацијата на Универзитетот на Југоисточна Европа „Десет години од Охридскиот рамковен договор“, каде унитарноста е спомната дури или цели три пати – но, ни оддалеку не е објаснета. Текстот на самиот Договор – исто така, не нашол место во оваа публикација во уредништво на Блерим Река. Но, најден е обемен простор за тоа како „Македонија функционира како мултиетничка држава“.

 

Вистинскиот дипломатски уредник постојано фрлајќи око на – развојноста

 

Како да се објаснат актуелни изјави и постапки кога корените се влечат и стотина или стотици години наназад? Некои наши историчари посочуваат дека јасно е видлива разликата на два периоди – пред и по формирањето на Албанија. Ако во времето на заедничкото списание „Автономија“ што излегувало во Лондон и Париз пред Илинденското востание, двата народа барале спас од Отоманското владение, а границата меѓу нив била јасно поставена по линијата Кораб – Шара, по 1912-та, односно 1913 година, таа линија се придвижила до реката Вардар. И извесно е дека и ќе има заговорници на таа, втората линија и дека ќе има политичари што ќе се „колебаат“ меѓу едната и другата крајна позиционираност. Како еден добар дипломатски уредник да се постави и на тој начин да се разликува од еден пропагандист (кој едноставно се апстрахира од онаа, „неповолната“ опција)?

Вистинскиот дипломатски уредник, како и секој добар дипломат мора постојано и постојано да се движи на релацијата од една до друга крајност, а постојано фрлајќи око на – развојноста. Како што ќе забележи Фактор во време на септемвриската трговска војна:

„Лани вкупната трговска размена на Македонија со Косово изнесуваше 421 милион долари, од кои 392 милиони беа извоз, а 29 милиони увоз. Во првите осум месеци од годинава размената е 145 милиони долари, од кои 132 милиони извоз, а 14 милиони увоз.“

Дали е можно, една таква „баналност“ да била иницијалната каписла за цела една трговска војна? Веројатно би се дошло до интересни заклучоци доколку една таква „баналност“ наишла на плодно тло кај застапниците на анимозитет спрема Македонија, а кои потоа ќе излезат на фудбалски стадион, ќе извикаат неколку пароли против Македонија, а и ќе запалат некое македонско знаме… Многу помалку веројатно е тоа дека би го направиле оние што ги имаат вперено своите очи во 1,8 милиони евра од ИПА програмите, но, ни тоа не смее да се исклучи ако го имаме предвид интровертниот дуализам. Или, со други зборови: многу простор за вештите новинарски пера.

(Крај)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

Еден коментар на “ЗА МАКЕДОНСКО – КОСОВСКИТЕ ОДНОСИ: Трговска војна или соработка (2)”

  1. Lucy on април 26th, 2017 4:56 pm

    Too many copmmilents too little space, thanks!

Одговори