Го убиле со секири  копачи и ножеви поради велосипе Press24-crop-resize

Крв, секири, ножеви, лопати и убиен тинејџер. Веќе со насловот читателите се воведуваат во еден хорор-филм на полувистини и дезинформации околу убиството на 19-годишниот Ангел Петковски во скопската населба Ѓорче Петров. Се работи за една од првичните вести со кои јавноста беше информирана за трагичниот инцидент во кој животот го загуби младото момче, а кои потоа покренаа лавина на револт на граѓаните што ескалираше во немири со многу повредени и значителна материјална штета. Од неколкудневна временска дистанца може да се согледа дека тој револт на голема група граѓани, инициран од убиството на Петковски од страна на само една година постаро момче од албанска националност, бил подбуцнат, меѓу другото и со написи од ваков тип – полни со непроверени информации и застрашувачки квалификации. Токму тие полувистини и невистини, како и тенденциозности околу известувањето за убиството во Ѓорче Петров, заедно со потенцирањето на етничката компонента во некои други известувања за настанот и придонесоа за поткревање на тензиите кај жителите на оваа скопска населба и на дело покажаа колку лесно можат да ги запалат страстите на луѓето во една етнички мешана средина. Официјалните  полициски извештаи за настанот покажаа дека убиството воопшто не се случило онака како што се известува во написот кој е предмет на оваа рецензија: ниту имало повеќе напаѓачи, ниту, пак, тој бил убиен со секири, копачи и ножеви. Оттука произлегува општествената одговорност на медиумите доследно да ги почитуваат одредбите на Кодексот на новинарите за да се избегне опасноста од дезинформирање. Според Кодексот, новинарот треба:

 „Да ја проверува точноста на информациите од секој извор и да биде крајно претпазлив за да не прави грешки од невнимание“,

„да води сметка да не пласира искривени факти и да не создава погрешна слика во насловите, во тизерите и во промотивните материјали, во фотографиите, во видео и аудио инсертите, во графичките прикази, во тонските парчиња и во цитатите. Не треба да ги поедноставува ниту да ги пренагласува настаните извлечени надвор од контекст“.

Го убиле со секири  копачи и ножеви поради велосипе Press24Линк до оригиналниот напис: Го убиле со секири, копачи и ножеви поради велосипед – детали за убиството на тинејџерот во Скопје

Датум и време на објавување: 19.05.2014, 19:15

Датум на рецензирање: 23.05.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

Текстот, иако базиран на информации за вистинит настан, само делумно точно информира, накалемувајќи му, меѓутоа, непроверени детали со кои се дезинформира читателската публика. Проблемот е не само во тоа што е објавена дезинформација, туку што е токму врз тие неточни елементи посебно ставен акцентот во веста – дека убиеното момче било нападнато од тројца наместо од еден напаѓач и дека убиството било сторено на посебно свиреп начин (секири, копачи, ножеви).

Оваа вест има два типа на извори – официјален извор е полицијата, но таа, пред сѐ, се темели на неофицијални и анонимни извори, кои зборуваат за настанот, давајќи му една нереална димензија. И, доколку се отфрли опцијата дека самиот медиум ја „надувал“ приказната, сепак останува неодговорното цитирање на (очигледно) некредибилен анонимен извор.

Веќе во насловот е направено најголемото извртување на вистината и тука не може многу да помогне ниту (евентуалното) оправдување дека се работи за непотврдени информации. Самата конструкција на насловот и на воведната реченица се такви што категорично тврдат дека момчето го убиле три лица и тоа со секири, копачи и ножеви („Го убиле со секири, копачи и ножеви поради велосипед – детали за убиство на тинејџерот во Скопје“), што е очигледен спин, бидејќи за тоа немало потврда од релевантен извор (извори). Но, лажните и извртени информации не се единствениот проблем на овој напис – неизбалансираниот приод во овој напис, ставен во контекст на останатите дезинформации и неодговорно известување кое се случуваше непосредно по убиството во Ѓорче Петров, придонесе за вжештување на ионака тензичната атмосфера во оваа скопска населба. Тројца „крвожедни“ напаѓачи,  цел арсенал на ладно оружје, наспроти едно момче-тинејџер, неправда (ем му го украле точакот, ем ѕверски се пресметале со него), раскрвавен нож како илустрација на веста – сѐ се тоа елементи кои укажуваат на еден (намерен или од небрежност) неизбалансиран пристап кон информирањето на јавноста за една вака сериозна работа.

Насловот ја предизвикува најголемата штета – лажно информира и поткрева тензии. Обидот тој да прозвучи сензационалистички и таблоидно беше успешен – тој навистина го свртува вниманието. И воедно претставува вистински школски пример за неодговорно новинарство

Илустрацијата е комплетно во функција на крвожедниот наслов и содржина на написот.

Известувањата за драматични настани од типот на убиството, за кое станува збор, се често лизгав терен за новинарите и медиумите. Потребата да се биде прв, подобар од конкуренцијата, да имаш повеќе детали и да бидеш забележан честопати наведуваат на тоа информациите да не бидат докрај проверени пред да бидат објавени, а неретко и да бидат објавувани најневеројатните шпекулации, кои обично ги следат вестите за една ваква трагедија. Но, на новинарот, на уредниците останува да се однесуваат професионално, да се обидат да го избалансираат поривот да бидат први и сензационални по секоја цена и занаетски докрај да си ја завршат задачата, а тоа е проверувањето на вестите пред тие да бидат објавени, со што на аудиториумот ќе му пренесат што е можно поточна, попрецизна информација. Со тоа ќе покажат не само висок степен на професионалност, туку и на општествено одговорно однесување. Кога се работи за настани со висок потенцијал на ризик (како на пр. убиство на млад човек во етнички мешана средина), општествено одговорното однесување носи посебна тежина за медиумот кој известува за него.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВистинитост

има факти

точни наводи

веродостојни наводи

infoVistinitostИзвори на информации

има евидентирани извори

1 извор

еднострани

infoVistinitostСодржајност

сеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПристрасност

целосно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

не аплиактивно

infoVistinitostКоментирање

има коментаторски елементи

издвоено од фактите

infoVistinitostПлагијат

целосна копија

infoVistinitostКвалитет на насловот

информира

креативен

сензационален

несоодветен

нејасен

infoVistinitostФотографија

има

соодветна

манипулира

наведен автор(извор)

infoVistinitostГовор на омраза

нема навредлив говор

говор на омраза

потикнува на насилство

дискриминира

национална дискриминација

infoVistinitostУреден за веб

читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

Одговори