Фондација отворено општество Македонија: 10 години работа на подобрување на образованиет оан Ромите. Фото: ФООМ, 2013

Фондација отворено општество Македонија: 10 години работа на подобрување на образованието на Ромите. Фото: ФООМ, 2013

На глодурот на ДПМНЕ му пречи намерата за што фондацијата Сорос ги доделува парите на медиумите – „за критика на Владата“. Критиката на власта, според него, не е легитимна цел на медиумите во демократијата!? Тогаш, каква улога сака тој да им припише на медиумите? Улога на билтени, пренесувачи на информации од власта до поданиците, пропагатори на владините политики, или можеби улога на џелати, оцрнувачи на опозицијата?

 

Пишува: Зоран ДИМИТРОВСКИ

 

Главниот уредник на електронските и печатените билтени на ДПМНЕ деновиве лиферуваше памфлет во кој ги информира своите поданици оти фондацијата Сорос им дели огромни суми пари на медиумите блиски до СДСМ со што го убива слободното новинарство. Фондацијата лани им исплатила повеќе десетици илјади евра поединечно на медиумите блиски до опозицијата „за да ја критикуваат Владата и да градат критично мислење по секоја цена“.

Иако ова е стара приказна со нови бројки, ред е да се раздипли аргументот на владиниот агит-проп за сликата што сака да ја втемели кај граѓаните за фондацијата Сорос, за слободното новинарство и за улогата на медиумите.

Факт е оти фондацијата Сорос застапува и промовира левоориентирани политики и таа тоа не го крие. На пример, Сорос поддржува права на маргинализирани групи и заедници во општеството, меѓуетничка толеранција и сл. Тоа некому може да му се допаѓа, некому не. Но,фондацијата застапува и универзални цели, како што се човековите права, слободата на говорот и изразувањето, слободата на печатот, кои се дел од уставите на сите демократски општества, каков што е и македонскиот.

Пред две години токму премиерот Груевски со Џорџ Сорос лично се договорија за заеднички активности за подобра интеграција на Ромите во општеството.

 

СЕ ЗАНЕ КОЈ ГИ КРИЕ ДАДЕНИТЕ ПАРИ ЗА МЕДИУМИТЕ

 

Фондацијата Сорос секоја година транспарентно го објавува својот буџет, односно она на што ги потрошила парите на својот донатор. Тие пари не се малку – 5,2 милиони евра лани и се разбира само еден дел се за медиумите. Мене лично не ми се допаѓа кому фондацијата ги дава своите пари, но станува збор за странска приватна фондација која има право на избор. Истовремено, други странски фондации, да речеме германската Конрад Аденауер, промовираат конзервативни политики и финансираат соодветни проекти во невладиниот сектор во Македонија и во тоа нема ништо спорно.

Но, што сака да сугерира власта кога ја дисквалификува фондацијата Сорос? Оти не е легална странска фондација која работи според законите на Република Македонија? Дали таа фондација ги прекршува финансиските правила на работење во државава? Не прочитавме таков аргумент. Арно ама, рускиот претседаетл Путин лани донесе закон според кој странските фондации во Русија мора да се регистрираат како „странски агенти“, што за Русите е рамно на „шпиони“. Дали ова значи дека главниот уредник на билтените на власта му предлага на Груевски да направи нешто слично и официјално да ја прогласи фондацијата Сорос во Македонија за шпионска? И ако тоа се случи, дали тогаш Ратко Димитровски, градоначалник на Кочани од ДПМНЕ ќе ги врати сите милиони што ги заработил од печатницата подарок од фондацијата Сорос на почетокот од 1990-тите? Или можеби како стар „соросоид“ тој ќе биде прогласен за „шпион“ и избркан од ДПМНЕ?

Што е, значи, слободно новинарство за кое зборува агитпропот на власта? Дали критериумот за слободно новинарство е медиумите да не добиваат пари од никого, туку да работат самостојно на пазарот со свои средства? Ако е така, тогаш дали медиумите кои ги финансира Владата се слободни?

 

КРИТИКАТА НА ВЛАСТА КАКО НЕЛЕГИТИМНА ЦЕЛ НА МЕДИУМИТЕ

 

Владата со години не сака транспарентно да ги објави податоците на кои медиуми и за што им дава пари за реклами. Тие пари, пак, се на сите даночни обврзници и на оние граѓани што гласаат за власта и на оние што гласаат за опозицијата. Притоа, нема ништо спорно во тоа десничарска влада да промовира конзервативни политики, да речеме во медиумите да дава пари за пропаганда за многудетно семејство, за почитување на историските, религиските и културните вредности на Македонија, за јакнење на патриотизмот и сл. Нема ништо спорно и ако тие пари главно одат во јавниот сервис, но има проблем ако кампањите и парите се делат нетранспарентно само во медиумите што беспоговорно ги бранат партиските, а не легитимните идеолошки цели на власта, ако пари добиваат медиумите кои ги величаат владините политики, ги премолчуваат нејзините грешки и се занимаваат само со опозицијата. Односно, има многу поголем проблем ако медиумите кои власта ги финансира не си ја остваруваат својата улога во едно демократско општество.

А каква е улогата на медиумите во демократското општество? Очигледно, на глодурот на ДПМНЕ му пречи намерата за што фондацијата Сорос ги доделува парите на медиумите – „за критика на Владата“. Критиката на власта, според него, не е легитимна цел на медиумите во демократијата!? Тогаш, каква улога сака тој да им припише на медиумите? Улога на билтени, пренесувачи на информации од власта до поданиците, пропагатори на владините политики, или можеби улога на џелати, оцрнувачи на опозицијата?

Дали критериумот за слободно новинарство, според владиниот барабанџија, е кон кого медиумите ја упатуваат критиката? Дали ако ја упатуваат кон власта, тогаш не се слободни!? Што е, значи, со медиумите што ја критикуваат опозицијата? Дали тие се слободни? Плукни и се на слободата, ако не можеш да ја резилиш опозицијата!

Власта сака да ги замагли работите и да мислиме оти сите медиуми се делат на владини и опозициски. А, овде не станува збор за тоа дали медиумите во Македонија бранат социјалдемократски или конзервативни идеи.

 

НА СТРАНА НА ПРАВДАТА, ВИСТИНАТА И СЛОБОДАТА

 

Медиумите во демократските општества секогаш треба да бидат на страната на правдата, вистината и слободата, кои се универзални и немаат врска со политичките идеологии. Се разбира, овие вредности не се секогаш на едната страна, понекогаш може да ги брани власта, понекогаш опозицијата. Но, во секое општество владеачката партија располага со најмногу моќ, пари и ресурси и има најмногу можности да ги узурпира и да ги манипулира правдата, вистината и слободата. Оттаму, улогата на медиумите во демократијата е, пред сѐ, да ја држат власта одговорна, да ги корегираат и критикуваат нејзините политики, да ги откриваат нејзините манипулации, а потоа, се разбира, пропорционално на нивната моќ,и постапките на другите политички или финансиски моќници, верски авторитети и сл.

Не сум фан на уредувачката политика на некои од медиумите што ги помага Сорос фондацијата и сметам оти тие можат многу подобро да си ја вршат својата задача. Секако, не поради тоа што ја критикуваат Владата, туку затоа што не секогаш ги почитуваат стандардите на професионалното новинарство. Но, би му поверувал на глодурот на ДПМНЕ дека фондацијата Сорос влијае негативно врз слободата на новинарството, кога би понудил докази оти таа им дава пари на овие медиуми за да клеветат, да шират лаги, да ја дезинформираат јавноста и граѓаните, а не „за да ја критикуваат Владата“. Молам притоа да не ми ги поттура „доказите“ од „независното судство“ кое во најголем број случаи ги осудило или им суди на новинарите од овие медиуми за клевета и навреда.

Би му поверувал на глодурот на ДПМНЕ кога би понудил докази оти медиумите што ги финансира Владата си ја остваруваат својата улога во демократското општество, дека не клеветат, не шират лаги и не дезинформираат.

Но, што ако првиот владин билтенџија не се согласува со ставот дека улогата на медиумите е да бидат коректори и критичари на власта, на политичката и финансиската моќ во едно општество, туку, да речеме, пропагатори на владините политики? Е тогаш ние двајцата очигледно имаме „вербален спор“ односно зборуваме за улогата на медиумите во две различни општества. Глодурот мисли на диктатура, јас на демократија. А тука нема разбирачка!


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

Одговори