Новите законски проекти воопш=то не беа објавени на единствениот национален електорнски регистер на прописи на РМ. Фото: од насловната страница на Прирачникот за проценка на влијанието на регулативата, 2013

Новите законски проекти воопшто не беа објавени на единствениот национален електронски регистер на прописи на РМ. Фото: од насловната страница на Прирачникот за проценка на влијанието на регулативата, 2013

Во Република Македонија и јавната расправа и учеството на медиумите во неа, се случуваат post festum(по донесувањето на одлуките). Ова е во многу мала мера по вина на самите медиуми. Во услови на потполно отсуство на јавна расправа и во услови на донесување на голем број закони по скратена постапка, станува многу тешко вклучувањето на медиумите во расправа пред донесувањето на одлуката.

 

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевскаексперт за човекови права

Медиумите претставуваат клучна карика во партиципацијата на граѓаните во процесите на одлучување.

Оваа функција медиумите ја остваруваат преку давање информации за одлуките, кои се донесуваат или треба да се донесат, преку пренесување изјави на релевантни функционери, кои се дел од процесот на формулирање и донесување на одлуките и анализи во кои се комбинираат податоци содржани во различни документи, експертски мислења и резултати од јавни расправи.

Вообичаено за демократските процеси е медиумите да станат дел од процесот на одлучување пред донесување на одлуката и да се појават како еден сегмент од широка јавна расправа низ која граѓаните партиципираат во конечната содржина. Во Република Македонија и јавната расправа и учеството на медиумите во неа, се случуваат post festum (по донесувањето на одлуките). Ова е во многу мала мера по вина на самите медиуми. Во услови на потполно отсуство на јавна расправа и во услови на донесување на голем број закони по скратена постапка, станува многу тешко вклучувањето на медиумите во расправа пред донесувањето на одлуката.

Меѓутоа, дури и оваа улога, на post festum контролор на веќе донесените одлуки, ги става медиумите во исклучително важна позиција. Од тоа како ќе ја остварат оваа функција зависи не само информирањето на граѓаните, туку и посочувањето на пропустите направени во процесот на одлучување и можноста за натамошно делување во насока на поништување или менување на веќе донесените одлуки.

Интересен пример за вклученост на медиумите во една ваква post festumјавна расправа претставува медиумското покривање на последните промени на законите за придонеси од задолжително социјално осигурување, здравствено осигурување, пензиско и инвалидско осигурување, вработување и осигурување во случај на невработеност и Законот за работни односи.

Во најголем број медиуми е дадена информацијата за промената на овие закони

Собранието ги изгласа законските измени со кои, меѓу другото, се предвидува работниците со авторски договор и договор на дело исто така да си плаќаат придонеси на приходите.

Невработените кои ќе склучат ваков вид договор веднаш ќе се бришат од евиденција, а по истекот на договорот ќе треба одново да се пријават.

Во пренесувањето на информацијата во различни медиуми се издвојува различна поента и се формулира конкретно прашање упатено до власта. На пример, во Фактор се пренесува изјавата од министерството за финансии дека:

Плаќањето на придонесот од пензиско и инвалидско осигурување на одделните видови на приходи ќе им овозможи на лицата да остварат поголеми бенефиции од пензиското осигурување, односно повисока пензија

Во истиот медиум е спомнато и дека

Огромните законски измени беа донесени без јавна расправа, по скратена постапка.

Сител и Нова Македонија ги потенцираат позитивниот аспект на промените и ги прикажуваат како ново постигнато право. Позитивниот аспект е потенциран и во Дневник, кој ја пренесува изјавата на Министерот за труд и социјална политика

Според министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, во најголем број европски земји авторските договори и договорите на дела се воведени во системот на задолжително социјално осигурување.

На овој начин се унапредуваат работничките права и ќе се влијае на намалувањето на сивата економија, односно ќе се поттикнат работодавците да засноваат редовен работен однос со своите работници, а се намалува или се скратува можноста целосниот ангажман на работникот да се затскрива со авторски договор или договор на дело за кои досега не се плаќаа придонеси – потенцира Спасов.

Според Алсат загрижуваат хаосот и дилемите кои отвораат законските измени.

Според Инфо+ и стопанствениците и работниците се загрижени од понудените промени, а Конфедерацијата на работодавци стравува од проширување на сивата економија како одговор на овие промени.

За Либертас ова претставува само нов начин за бришење на луѓето од листата на невработени

Агенцијата за вработување ќе ги избрише од листата на невработени хонорарците и лицата кои работат со договор на дело или авторски договор, а кои остваруваат годишни приходи повисоки од 12 минимални плати

МРТ, Телеграф, Денешен, Прес24…  се задржуваат на изјавата на Премиерот Груевски според кој:

Во минатиот период забележавме и имавме поплаки од многу луѓе дека тие не добиваат вработување на определено време само со цел сопствениците на компаниите да го избегнат плаќањето на придонесите. Од друга страна, проверивме како е низ другите земји во Европа и констатиравме дека околу 95 проценти од земјите имаме ситуација во која се плаќаат придонеси на хонорарците.

Ќе се воедначиме, нагласи, со најголем дел од земјите во Европа и истовремено ќе ја скратиме можноста за многу луѓе да не можат да добијат договор на определено време само затоа што нивните работодавачи сакаат да избегнат плаќање на придонеси.

Во неколку медиуми (Локално, Утрински весник) се пренесува изјавата дадена од Министерот за финансии

Плаќањето на придонесот од пензиско и инвалидско осигурување на одделните видови на приходи ќе им овозможи на лицата да остварат поголеми бенефиции од пензиското осигурување, односно повисока пензија велат носителите на законот.

Дел од медиумите ја прошируваат расправата со вклучување на експерти (НОВА, Фактор).

Фокус и Фактор се меѓу ретките медиуми кои нудат поширока анализа и дополнителни информации.

Некои медиуми ја пренесуваат информацијата според која

Од владата, велат дека измените се носат на барање на граѓаните, бидејќи работодавачите ги злоупотребувале и наместо договори за вработување, за да избегнат плаќање давачки, им нуделе само хонорарни договори. 

(Крајот во следното продолжение)


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

Одговори