Фото: CC BY-SA HonestReporting.com, 2011
Фото: CC BY-SA HonestReporting.com, 2011

 

Саморегулацијата е систем на правила што ги воспоставуваат медиумите за да го заштитат сопствениот бизнис и да стекнат поголема доверба кај јавноста. Суштината на медиумскиот бизнис лежи во информациите, т.е. испорачување на вистина преку вистинито, објективно и целосно информирање на јавноста и сето тоа сторено со почитување на етичките правила. На тој начин, со саморегулацијата се штитат и универзалните човекови права – слобода на изразување и право на информирање (слободни и професионални медиуми)

 

Пишува: Теофил Блажевски*

 

Слободата на изразувањето, вклучувајќи ја тука и слободата на медиумите како четврта власт во демократските општества, се едно од универзалните човекови права и како такви се признати и заштитени со соодветни документи од највисоките меѓународни организации (види тука на стр.7). Денес не постои општество што може да се смета за демократско доколку се соочува со поплаки за неслободни медиуми или страв од јавно изразување на мислења и на ставови. Оттука, темата за начините и за средствата за заштита на овие универзални слободи и права е исклучително важна тема за јавна дебата во сите современи општества.

Македонија не е исклучок во однос на ова прашање. Релевантните организации и институции и на меѓународно ниво и на домашната сцена, веќе неколку години лиферуваат крајно загрижувачки извештаи за состојбата со слободата на изразувањето во државата, а особено ја акцентираат лошата ситуација во која се наоѓаат медиумите во однос на нивната основна функција – слободно и без притисоци да ја информираат јавноста за сите релевантни прашања во општеството. Тоа доведува до континуирани дебати за овие прашања.

Ставовите во овие дебати се поларизирани. Додека државата и нејзините највисоки претставници тврдат дека не постои проблем или дека проблемите се минимални, голем број медиуми, професионални организации, невладиниот сектор кој се занимава со медиумската сфера и слободата на изразувањето, како и огромен број новинари, го тврдат спротивното. Се разбира, поаѓајќи од фактите, вистината е една – состојбата е, најблаго речено, песимистичка, а излезот е во пронаоѓање алатки со кои универзалните права ќе се реализираат во практика. Всушност, механизми што ќе овозможат практично функционирање на споменатите права и слободи, кои, впрочем, се вградени и во член 16 од нашиот Устав, како и во Законот за медиуми.

Поаѓајќи од бројните критики, државата се обиде да ја регулира оваа сфера. Во последните неколку години се донесени неколку правни прописи, кои требаше да ја пополнат дупката во која две децении не постоеше основен закон за медиумите, а кои, пак, некако функционираа, на прв поглед контрадикторно, послободно и со помалку притисоци.  Така, државата ги донесе, најпрво Законот за заштита на правото на пристап до информации од јавен карактер, а во текот на последните три години уште три закони – Закон за аудио-визуелни медиуми и медиумски услуги, Законот за медиуми и Закон за граѓанска одговорност за клевета и навреда. Државата, во исто време, формираше и регулаторни тела за дел од материјата регулирана со законите.

Иако овие закони имаат каде помалку, каде повеќе слабости и пропусти, државата, како релативно нова демократија која не ја разбира докрај суштината на слободата на изразувањето и слободата на медиумите, покажа отворени тенденции да контролира преку регулацијата. Така, со бројни трикови (вградени во прописите) и со бескрупулозно наметнување политичко мнозинство, ги дерогираше и добрите членови од законите и практичната секојдневна работа на регулаторните тела.

Ваквите тенденции, се разбира, не се „ендемска појава“. Тие биле забележани и во развиените демократии, но многу одамна и тие го имаат решавано проблемот и пронашле механизми на заштита. Една од клучните алатки, меѓу другите, е саморегулацијата на медиумите – принцип кој произлегол од самите медиуми и од нивните сопственици. Целта е да ги заштитат основните интереси – слобода на изразувањето, а во, исто време, довербата кај јавноста во однос на нивните медиумски содржини. Така, саморегулацијата која влече корени уште од 19 век, а првиот Совет за печат во Норвешка е основан во 1903 година, денес е доведена речиси до совршенство во однос на теоријата и на практиката, а сето тоа резултира со помала регулација, со поголема доверба на јавноста во медиумите и со намален број судски процеси поврзани со содржините во медиумите. Впрочем, често споменувано мото од застапниците на овој систем е колку повеќе саморегулација – толку помалку (државна) регулација.

 

ШТО Е САМОРЕГУЛАЦИЈА?

Упростено кажано, саморегулацијата е систем на правила што ги воспоставуваат медиумите за да го заштитат сопствениот бизнис и да стекнат поголема доверба кај јавноста. Суштината на медиумскиот бизнис лежи во информациите, т.е. испорачување на вистина преку вистинито, објективно и целосно информирање на јавноста и сето тоа сторено со почитување на етичките правила. На тој начин, со саморегулацијата се штитат и погоре споменатите универзални човекови права – слобода на изразување и право на информирање (слободни и професионални медиуми).

Учесници во процесот на саморегулација се медиумите и јавноста. Медиумите, т.е. сопствениците на медиумите (со уредниците и со новинарите) формираат професионално тело, чија основна улога е мост меѓу медиумите и јавноста кога станува збор за заштита на професионалните, а особено етичките стандарди во новинарството.

Основна алатка на саморегулаторните тела, пак, се етичките кодекси. Во светот, како што истакнува професор Сефер Тахири, комуниколог и член на првото саморегулаторно тело во Македонија што е формирано од медиуми и од невладини професионални организации, постојат повеќе од 400 кодекси. Но, главните принципи на овие кодекси се препознатливи и тие лежат во деветте принципи на Меѓународната федерација на новинари. Врз овие принципи е усвоен и Кодексот на новинари на Македонија уште во 2001 година. Тој е функционален, а покрај овој документ, постои и Прирачник за етиката во новинарството, публикација на ЗНМ, чија основна цел е промоција на етичките правила и на саморегулацијата во рамките на ЗНМ, но има и дел каде се даваат препораки и упатства за толкување на членовите на Кодексот.

Овој Кодекс е составен од принципи и од 17 членови и во основа ги покрива сите поважни професионални и етички норми до кои треба да се придржуваат новинарите. Но, како што наведуваат и меѓународни експерти, онаму каде што постојат повеќе од една професионална организација на новинари или на медиуми, треба да се направат напори за единствен кодекс прифатен од сите (види тука, стр.8). Таква е и состојбата во Македонија во моментов. Првото саморегулаторно тело формирано од медиуми, Советот за етика на медиумите во Македонија(СЕММ), работи главно според принципите на Меѓународната федерација на новинари и според Кодексот на новинари на Македонија донесен од ЗНМ, но во тек се подготовки за усвојување нов кодекс, кој би бил усогласен помеѓу сите професионални организации.

Од промоцијата на СЕММ во Битола на 23.04.2015. Фото: СЕММ
Од промоцијата на СЕММ во Битола на 23.04.2015. Фото: СЕММ

 

КАКО ФУНКЦИОНИРА САМОРЕГУЛАЦИЈАТА?

Саморегулацијата функционира и речиси секаде се спроведува на сличен начин, а процедурата почива на принципот на посредништво помеѓу јавноста (граѓаните) и медиумите. Двата чинители во овој процес, се претпоставува дека пристапиле кон него во доверба, дека преку процесот ќе се постигнат саканите ефекти – медиумите до поголема професионалност и до етички стандарди, како и до доверба од консументите, а граѓаните до остварување на некое свое право кое го сметаат во даден момент загрозено од даден медиум или група медиуми.

Посредник во овој процес е професионална организација, која најчесто се нарекува совет за печат, совет за медиуми или совет за етика. Во Македонија првото вакво тело е формирано на почетокот од минатата година и официјалното име е Совет за етика во медиумите во Македонија. (Само за појаснување – еден тип на саморегулацијата меѓу новинарите има долг историјат во рамките на ЗНМ, каде постои Совет на честа, но тој е со многу потесни надлежности и главно се однесува на пишувања на новинари, кои се членови на ЗНМ).

Советот за етика е формиран по повеќегодишна иницијатива на дел од медиумите и на ЗНМ и тој е поткрепен засега од дваесетина национални и регионални медиуми, меѓу кои и Јавниот медиумски сервис – МРТ, а составот на медиумите е од сите гранки – електронски, печатени и нови, т.е. интернет-медиуми.

Советот за етика е составен од три тела: управен одбор (УО), извршна канцеларија (ИК) и жалбена комисија (ЖК). Процедурата по која работи СЕММ е следна:

  • Граѓанинот, правно лице или институција испраќаат претставка со СЕММ;
  • Извршната канцеларија ја препраќа претставката до жалбената комисија;
  • Жалбената комисија се состанува и ако оцени дека претставката е формално и суштински во ред, дава налог до ИК да го почне процесот на посредување;
  • ИК се обраќа до уредништвото на медиумот, го запознава со добиената претставка и бара мислење од медиумот дали се согласува целосно или делумно со наодите од претставката или, пак, ја отфрла;
  • Доколку медиумот се согласи целосно или делумно, тогаш следува писмено објаснување со евентуално извинување до подносителот на претставката. Тука процедурата завршува доколку подносителот на претставката се согласи со објаснувањето или извинувањето, а ЖК го констатира тоа и предметот се смета за успешно завршен со посредување;
  • Доколку медиумот ја отфрли претставката, ЖК на седница расправа за предметот на претставката и донесува одлука. Одлуката може да биде отфрлање на преставката или нејзино прифаќање;

Одлуките на ЖК (т.е. на Советот), кои се поткрепени со сериозни образложенија, се објавуваат на веб-страницата на СЕММ и се препраќаат до засегнатите страни. Медиумот кој е член на СЕММ е должен да го објави заклучокот на видно место во својот медиум. Ова засега е најголемиот проблем со кој се соочува Советот, зашто голем број од досега решените предмети не биле објавени во засегнатиот медиум, ако станува збор за прифатена претставка, односно негативен заклучок за медиумот.

Одлуката на ЖК е еден вид пресуда со морална димензија. Не постојат никакви санкции за медиумите освен моралната природа на заклучокот дека одреден медиум не ги почитувал етичките и професионалните стандарди во одреден поглед и со тоа ја нарушил професионалноста во своето работење.

Фото: СЕММ
Фото: СЕММ

 

ДАЛИ САМОРЕГУЛАЦИЈАТА Е ПРЕЦЕНЕТА И ДАЛИ Е ДОВОЛНА?

Овие дебати што се отворија и кај нас откако е формиран СЕММ, постојат и сѐ уште се актуелни и во светот. Особено по аферата со прислушување од медиуми во сопственост на Руперт Мардок во Велика Британија од пред неколку години, што доведе до крах на тамошната Жалбена комисија на печатот, зашто, благодарение на тоа што најголемите финансии доаѓале од споменатите медиуми, комисијата не реагираше навреме и не успеа да се справи со последиците. Сепак, лани се формира одново како ново тело, со препорака да се вградуваат заштитни механизми за да не се повторат грешките.

Искуствата од повеќето стари демократии, се, сепак, позитивни. Позитивни стануваат полека и искуствата од регионот. Неодамна во Белград, под покровителство на Советот на Европа, се одржа регионална конференција на саморегулаторните тела од БИХ, Србија, Косово, Црна Гора и Македонија, како и иницијатори на такво тело од Албанија. Беше донесен заклучок да се формира регионална мрежа на саморегулаторни тела, кои во потесна координација и размена на искуства би постигнале повеќе резултати и во сопствените средини и во регионот во целина.

Досегашното неколкумесечно искуство на СЕММ е, исто така, многу или барем генерално позитивно. За краток период Советот реши триесетина предмети по добиени претставки (неколку други беа отфрлени поради застареност на поднесувањето кое треба да се изврши во рок од 30 дена од денот на објавениот спорен новинарски материјал). Од решените, неколку се со посредништво (бројката грубо се приближува до една третина), што само го потврдува и интересот на јавноста за постоењето на ова тело и интересот на медиумите за истото.

Според меѓународните искуства, што ги презентираше неодамна и споменатиот професор Тахири на дебати во Битола и во Охрид, има најмалку пет причини зошто е потребна саморегулацијата:

  1. Се чува уредувачката слобода;
  2. Се минимизира интервенцијата на државата;
  3. Се охрабрува квалитетот на медиумите;
  4. Се докажува одговорноста на медиумите;
  5. Им се овозможува на читателитете (слушателите, гледачите, публиката на интернет-медиумите) да имаат пристап во медиумите.

Но, постојат уште најмалку две сериозни причини што се поврзани со нашите искуства и кои укажуваат на тоа зошто е потребно постоењето и работењето на СЕММ.

Првата е посредништвото. Посредништвото, тоа беше истакнато уште на првата прес-конференција на Жалбената комисија, се очекува да придонесе за намален број судски предмети за навреда и за клевета. Имено, последното искуство, кога комисијата решаваше по еден предмет во кој беа инволвирани две универзитетски професорки и една национална телевизија, го потврди тоа. Со посредништво на СЕММ, медиумот се извини и истакнаа дека сториле ненамерна грешка, а подносителите на претставката јавно наведоа дека ако тоа го стори медиумот, тие ќе се откажат од намерата за тужба.

Втората сериозна причина е тоа што одлуките на СЕММ, де факто, може да се користат како стручно мислење во евентуална судска постапка за навреда и за клевета. Имено, како што  беше истакнато од Филип Ѓурчиновски, член на ЖК на СЕММ, на неодамнешната трибина во Битола, во актуелниот Закон за навреда и клевета е вграден член 5 со толкувања на изразите и на термините во законот. Во став 3 од тој член, се наведува дека, „Како професионални правила на новинарската професија се сметаат правилата за прибирање, анализа и публикување на информации утврдени од професионалната организација на новинаритe“.

Бидејќи Советот е организација формирана од медиумите, во кои работат новинари и бидејќи основна работа на Советот е толкување на професионални правила, преку оцена на Кодекс, Принципи, како и од искуства од пресуди од Судот за човекови права во Стразбур, сосема е јасно дека оцена или мислење или одлука на СЕММ, т.е. на Жалбената комисија, би било релевантно мислење или дел од дадена судска постапка за навреда или клевета.

Наведените причини се само дел од многуте што ја потврдуваат потребата од постоењето на саморегулацијата во Македонија. Се разбира, предизвиците се големи, а еден од посериозните е и финансирањето на ова тело. Засега тоа успешно работи, меѓу другото, и поради поддршката од Холандија, но и од УНЕСКО (UNESCO), кои ја разбраа и ја подржаа идејата. По правило, ваквите совети се финансирани од членките, но и од државата и тоа без никакви условувања околу работата. Постојат можности тоа да се постигне и кај нас. Засега, нема дилеми дека вистинска саморегулација во Македонија, од невозможна станува mission possible.

 

*(Авторот е новинар и член на Жалбената комисија на СЕММ)


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).



Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

Одговори