123-09876098-crop-resize

 

[Рецензија: Ветувањата дадени од премиерот Груевски се исполнуваат – граѓаните од полошкиот регион задоволни]

 

В рака имаме форма на автопромоција со „глазура“ на некаков си новинарски „производ“. Сепак, треба да бидеме на чисто дека не може да се очекува непристрасна и објективна информација која ќе се базира само на „фали ме усто оти ќе те раскинам“ – пристап. Сè во текстот, мислејќи на сите наведени „постигнувања и напредоци“, се темели само на изјавите на еден политичар, се разбира, премиерот. Значи, неговите настапи се единствената потврда и некаква форма на апсолутната вистина дека фактичката состојба на теренот навистина е таква – розова во изградба. 

123Линк до оригиналниот напис: Ветувањата дадени од премиерот Груевски се исполнуваат – граѓаните од полошкиот регион задоволни

Датум и време на објавување: 26.08.2015, 14:11

Датум на рецензирање: 31.08.2015

Рецензент: Владимир Мирчески

 

НАМЕНСКО ЧЕТИВО ЗА ЕКОТ НА „УДАРНИЧКАТА“ КАМПАЊА

Дека кампањата за наредните парламентарни избори е во полн ек, иако до нив има уште осум месеци, покажува и овој напис кој претставува класичен политички маркетинг со, како што веќе рековме, продавање привид на новинарски текст. Станува збор за материјал што треба да биде поставен на официјалната интернет-страница на владејачката партија, а не на портал кој се декларира за информативен. Во текстот сè е реклама, ама буквално сè. На крајно пристрасен начин, без трошка објективност или, пак, некаков новинарски „нерв“, се пренесува посетата на премиерот на полошкиот регион каде тој, како што ни се вели, не само што ветил, туку и остварил „брда и долини“. А што е изворот на таквата „вест“? Па, се разбира, самиот премиер. Види, види, ептен професионално, нема збор. Еве само еден пример: во првата реченица се тврди дека „дадените ветувања од премиерот Никола Груевски во април годинава во Тетово, за инвестиици во патната инфраструктура во полошкиот регион, почнаа да се реализираат“, за веќе во наредниот пасус потврдата за ваквото тврдење да дојде од устата на самиот премиер!

Понатаму, иако во насловот помпезно се вели дека „граѓаните се задоволни од исполнувањата“, во написот никаде нема став или јасно цитирана изјава од граѓани за да се аргументира таквата насловна конструкција. Само на едно место се наведува дека „имало благодарност“ од едно семејство, без да се прецизира кое, за расчистувањето на нивниот дом погоден во силните полави. Сепак, тоа апсолутно не е оправдување за формулацијата дека „полошкиот регион е задоволен“, зашто санирањето на дел од штетите од природната непогода не е исто со тоа што се ветува во разни надградени и проширени програми во пресрет на секои избори. Сумирано, кој вели дека се работи, гради, чисти? Тој што тоа и го најавувал – претседателот на владата. Жители, локална власт, податоци и факти, што навистина од тоа што го вели премиерот е почнато и завршено, не постојат. Само е ставен микрофонот или диктафонот и што политичарот рекол, тоа е симнато и пласирано како беспоговорна вистина. Не, ова не е новинарски начин на размислување и правилно постапување со која било приказна.

 

ГЛОРИФИКАЦИЈА ЗА „РАБОТЛИВОСТА И ПОСВЕТЕНОСТА“

За сметка на целосното отсуство на поставување на клучните прашања и барање нивни одговори, се забележува силна нишка на „подлизуркување“, најчисто манифестирана во формулацијата:

„Иако неветено, во интерес на граѓаните, завчера започнаа и градежните работи за реконструкција на локалниот пат во Непроштено…“

Значи, не само што „ударнички“ се остварува, туку и се „натфрла“ нормата со зафати кои и не биле ветени, ама ќе бидат остварени. Што е многу, многу е! Ако ова не е необјективно глорифицирање „на работливоста и на посветеноста“ на владејачката гарнитура, без притоа да се направи реален увид на ситуацијата на терен, тогаш не знам што е. Сепак, и покрај многуте „обландирања“, конечниот производ е обид за замачкување на очите на публиката дека партиско-политичкиот ЕПП памфлет е легитимно новинарско четиво. Ова е пристрасен, обоен и наменски материјал, чија цел, по разобличувањето, е само една – да нѐ увери дека навистина цели осум месеци пред најавените избори премиерот тера кампања со невидено темпо.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).



ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВистинитост

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИзвори на информации

има евидентирани извори

официјални

1 извор

еднострани

infoVistinitostСодржајност

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПристрасност

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКоментирање

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПлагијат

агенциска вест со дополнителни елементи

ненаведен автор, наведен извор без линк

infoVistinitostКвалитет на насловот

не информира

некреативен

несензационален

несоодветен

нејасен

infoVistinitostФотографија

има

соодветна

ни манипулира ни информира – ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГовор на омраза

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУреден за веб

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

Одговори