Еклатантен пример за „сечено, лепено, монтирано, креирано“ - 2.32 минути претворени во 46 секунди. Фото скриншоти
Еклатантен пример за „сечено, лепено, монтирано, креирано“ – 2.33 минути претворени во 46 секунди. Фото: скриншоти

 

[Критички осврт врз ТВ Дневникот на МТВ од 27.10.2015, во 19.30 часот]

 

Целата изјава на дипломатите не беше доволно интересан за државната телевизија, која пушти внимателно „сечено , лепено и балансирано“ парче  –  „цели“ 46 секунди од настапот на Гарет, со пораки и до власта и до опозицијата. Со што  се изместува фокусот на вистинската поента од изјавата на дипломатите, со цел до јавноста да не допрат суштинските пораки.

 

Пишува: Оливера Војновска


Амбасадорите од Велика Британија, Франција, Германија, Италија и ЕУ деновиве (27.10.2015) упатија прилично експлицитна порака  до премиерот Никола Груевски, од кого побараа обновување на преговорите и итно спроведување на Договорот од Пржино, бидејќи, во спротивно, ќе биде доведена во опасност препораката за преговори на Европската комисија за Македонија.

 

„ИСКАСАПЕНА“ ИЗЈАВА  ВО 46 СЕКУНДИ

Во заедничката изјава, која пред зградата на Владата ја прочита британскиот амбасадор Чарлс Гарет, се истакнува дека „владите и особено нивните први луѓе имаат посебна одговорност во време на политичка криза“. Западните дипломати  го повикаа

премиерот Груевски да го овласти неговиот тим да го финализира договорот за нерешените прашања од Договорот од Пржино и да се спроведат неопходните реформи брзо, за да се обезбеди терен за кредибилни избори што ќе бидат признати и дома и на меѓународен план. Притоа да покаже отчетност за  евентуалните незаконски дејствија.

Исто така, амасадорите очекуваат на специјалната јавна обвинителка да ѝ се обезбедат сите потребни ресурси за да може да ја извршува оваа важна работа.

Сепак,  оваа поента од  досега најострата и најдиректна изјава на амбасадорите, откако се пробија роковите за формирање на т.н техничка влада, не можеше да се види во централниот Дневник на МРТ во вторникот  (27.10.2015 година).

Очигледно, овој фрагмент од изјавата на дипломатите не беше доволно интересен за државната телевизија, која пушти внимателно „сечено , лепено и балансирано“ парче –  „цели“ 46 секунди од настапот на Гарет, со пораки и до власта и до опозицијата. Со што  се изместува фокусот на вистинската поента од изјавата на дипломатите, со цел до јавноста да не допрат суштинските пораки. И, затоа, наместо објективно да се информира за повикот на дипломатите, намерно се пласира една „искасапена“ изјава, која остава впечаток дека е поделена одговорноста (меѓу власта и опозцијата) за спроведување на договореното од Пржино.

Објавувањето пак, само на дел од изјавата  дури во 20 – та минута од Дневникот, само по себе говори за  намерата да се маргинализира настапот на дипломатите. Што е непрофесионално и неодговорно за еден медиум, дотолку повеќе што се работи за национален јавен сервис.

 

НАГРНАА АРАПСКИ ИНВЕСТИЦИИ!

Наспроти невидливата изјава на дипломатите, многу позанимлива беше посетата на премиерот на Абу Даби, со која беа отворени вестите и за која беа посветени опширни написи со нагласено присуство (тонски изјави) на Груевски .

Со фалбаџиски тон беше обоена уште самата најава на вестите во која беше потенцирано дека премиерот имал средба со министерката за меѓународна соработка  на Абу Даби и дека „освен за земјоделството Македонија и Емиратите договораат соработка  за туризмот и образованието, дека арапските бизнисмени се подготвени да вложуваат во Македонија…“

Па, така, на пример, во еден воспевачки манир во самиот старт на првиот материјал се соопштува дека:

Македонија и Емиратите ги засилуваат економските врски. Ќе соработуваат на инфраструктурни проекти, во образованието, туризмот и во земјоделството… 

Што прозвучува како во Абу Даби да е направен некаков конкретен договор, а како што може да се види од самиот прилог, всушност, било  договорено, македонските  институции да воспостават контакти со Фондот за развој на Абу Даби

 

За европските амбасадори 46 секунди, за ОАЕ и Катар колку сакаш. Фото: скриншот
За европските амбасадори 46 секунди, за ОАЕ и Катар колку сакаш. Фото: скриншот

 

Од изјавите на претставниците на арапските стопанственици и бизнисмени, пак,  (2,22 минута  и 2,55 минута од видеото) се гледа дека се работи само за искажана заинтересираност да се „разгледаат можностите за водење бизнис“, за планови и „подготвеност да се инвестира во Македонија“, како и  изразување надеж дека тоа наскоро ќе се случи.

 

ПРЕМИЕРОТ ГО ВИДЕ ПРЕСТОЛОНАСЛЕДНИКОТ НА ОАЕ!

Со забележителна еуфорија беше прикажана и средбата на Груевски  со престолонаследникот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), шеикот Мохамед Бин Зајед Ал Нахјан. И во овој материјал (кој го нема на интернет изданието на вестите) беше истакнато дека „посебен акцент бил ставен на економската соработка, зголемување на надворешно трговската размена и инвестициите, а  македонскиот премиер ги истакнал реформите кои ги презема нашата земја за креирање на добра бизнис клима и поддршка на бизнис секторот.“

Гледачите повторно имаа можност да го видат премиерот  кој ги искажа импресиите од средбата со шеикот Мохамед Бин Зајед:

Ги прикажав состојбите во Макдонија во смисла на економски прогрес и на условите за правење бизнис. Имаше многу позитивна реакција од негова страна. Постави многу дополнителни прашања на кои дадовме многу јасни и прецизни одговори…

Сепак, јавноста не разбра какви впечатоци имал домаќинот за да може да добие целосна слика за настанот, бидејќи материјалот се потпира единствено на изјавата на Груевски.

Инаку, во продолжение на Дневникот следеше уште еден прилог за инвестициски бум во Македонија! Па, така, не само бизнисмените од Абу Даби, туку за вложување во туризмот, трговијата и енергетиката се  заинтересирани и катарските бизнисмени.

Кога ќе се погледнат овие три прилози, кои фактички го обележаа Дневникот, се добива впечаток дека ќе нагрнат арапски инвестиции во земјата!

 

КОРЕКТНИТЕ ПРИЛОЗИ „ПОКЛОПЕНИ“ ОД СЛАВОПОЈКИТЕ

Во фалбаџиски манир беше правен и прилогот насловен: „Помалите царини и процедури продонесоа за два пати поголем извоз“.

Во него, меѓу другото, се воздигнува Владата дека  „фирмите плаќаат 40% пониски царини споредено со 2006 година и дополнително остваруваат заштеди во износ од 12 милиони евра годишно.“ Но, оваа констатација се базира исклучиво на изјавата  на министерот за финансии, Зоран Ставрески дадена во Парламентот:

Со преку 12 милиони евра годишно се поддржуваат македонските фирми со намалување на царинските стапки. За 9 години тоа се 108 милиони евра само по овој основ

Прилогот не нуди макар уште еден показател или независно експертско мислење за да ги убеди гледачите дека тоа е навистина така.

Во овој  Дневник, кој траеше околу 30  минути, имаше  и неколку  професионално обработени материјали, како што е информацијата дека „во Македонија нема да се градат кампови и дека остнауваат привремените транзитни центри“ и прилогот „Бизнисот да остане подалеку од политиката“.

Коректно беше сработен и блокот вести од светот во кој имаше информации за  тоа дека:

  • Европската унија и Косово  во Стразбург потпишаа договор за асоцијација и стабилизација, со што се отвора патот за членство на Косово во Унијата;
  • дека две партии кои се за независност на Каталонија, во регионалниот парламент во Барселона поднесоа нацрт-решение за отпочнување процедура за отцепување од Шпанија и формирање нова  држава Каталонија;
  • дека Судот во Загреб ја прифати кауцијата од 1,6 милиони евра за поранешниот хрватски премиер Иво Санадер да може да излезе истражниот затвор и да се брани од слобода;
  • како и за тоа дека во воздушните напади на коалицијата предводена од Саудиска Арабија во Јемен, погодена е болница на „Лекари без граници“.

Но, за жал сите овие информации се изгубија во морето фалби за власта!

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).



Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

Одговори