spiral-550x226
Tirani di Social Media dan Spiral Kebisuan by Hilman Fajrian

 

Според теорија на спиралата на молкот, малцинството кое застапува одреден став кој не е општо прифатен од општеството, не зборува за тоа заради страв од изолација, репресија, или други последици. Интензитетот на спиралата на молкот е условен дирекно од степенот на демократија и економски развој на една земја.

 

Пишува: Зоран Бојаровски

Новинарските текстови, освен што ја остваруваат функцијата информирање, меѓу другите, имаат и уште една многу битна – да ги мотивираат граѓаните да размислуваат. Никој не треба безусловно да се согласи со тоа што го дистрибуираат медиумите. Особено не во Македонија во која, според сите извештаи, голем број нa медиумски компании главно се бават со пропаганда.

Напротив. За проблемите и за појавите што не опкружуваат, мораме да размислуваме со сопствена глава и да бараме решенија согласно разумните интереси на заедницата која ја создаваме сите ние и која (треба да) е функциоална заради тие (наши) одлуки.

Сите граѓани имаат право да го искажат своето мислење. Тоа не е ексклузивно право само на оние кои се избрани на избори, кои се на влијателни работни места, на оние кои (мислат дека) имаат било каква финансиска или друга моќ.

Зошто го нагласувам ова? Зошто толку инсистираме на правото на глас и гласност на секој граѓанин?

Затоа што, заради повеќе околности, главно како производ на недемократски амбиенти, граѓаните, меѓу другото, подлегнаа на состојбата што ја произведува – спиралата на молкот.

Теоријата за спиралата на молкот е рожба на Елизабет Ноел-Нојман во седумдесеттите години на минатиот век. Ноел-Нојман била новинар, истражувач на јавното мислење, истражувач на пазарот, советник на државници и универзитетски професор. Таа ги основала Институтот за истражување на јавното мислење Аленсбах и Институтот за публицистика во Мајнц. Ноел-Нојман извршила сериозно влијание во општествените науки, особено во комуникациските, најмногу токму со нејзината теорија за спиралата на молкот.

Според оваа теорија, малцинството кое застапува одреден став, кој не е општо прифатен од општеството, не зборува за тоа заради страв од изолација, репресија, или други последици. Интензитетот на спиралата на молкот е условен дирекно од степенот на демократија и економскиот развој на една земја. Колку што земјата е подемократска и економски развиена, толку е помалку присутен стравот од јавно изјаснување и обратно.

Креаторката на оваа, за Македонија толку репрезентативна и апликативна теорија, утврдила дека поединци сакаат да бидат на вистинската страна за да не бидат исфрлени од играта на мнозинството, иако интимно не се согласуваат со него, заради шестото „квази-статистичко“ сетило кое не предупредува на трендовите во јавното мислење и не не турка во калапите што ги креира мнозинството.

Меѓу другото, најмоќното средство за креирање на доминантното мислење се медиумите. Доминатно посакуваните пораки се упатуваат рецепторите на граѓаните кај кои притисокот од стравот од изолација и маркирање е толку силен што ги активира механизмите на прилагодување, на конформизам кон преовладувачкото мислење кое го наложува мнозинството.

Втората, најчеста манипулација со стравот од изолација за кој говори теоријата на спиралата на молкот, е злоупотребата на анкетите, на истражувањата на јавното мислење.

Многу често спиралата на молкот, отпорот на граѓаните да учествуваат во анектите, ја нарушува политичката репрезентативност на примерокот на едно истражување. Тоа предизвикува во истражувањето да се позастапени гласачите на партиите од власта, бидејки на тој начин стануваат мнозинство и тоа создава многу погрешна слика за изборното расположение, на пример. Следствено, погрешните резултати не само што ги наведуваат граѓаните на погрешни заклучоци, туку се и добра основа за дополнителна манипулација со јавното мислење.

Затоа, борете се за своето мислење и не ги преценувајте медиумите, ниту истражувањата на јавното мислење, затоа што после тоа може да биде – доцна!

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

Одговори