На нож - и при влез во Собрание, и при влез во Влада. Фото: Bart, 2008
На нож – и при враќање во Собрание, и при влез во Влада. Фото: Bart, 2008

 

Тоа што истите текстови ги има во различни медиуми не значи дека се збогатил медиумскиот простор. Напротив, само се осиромашил, поради тоа што се работи за непрофесионални производи што создаваат хаос во главите на читателите. А, новинарството, напротив, беше нешто друго, нели?

 

Пишува: Владо Ѓорчев

Уште веднаш штом новите министри седнаа на своите работни места, почна невидена хајка против нив и целосно омаловажување на нивната професионалност од медиумите блиски до власта. Текстовите се толку полни со шпекулации, полувистини и со спинови што тешко може да се каже дека се професионални.

Истото тоа се случи и со пратениците од опозицискиот блок, кои по изборите во 2014 година одлучија да ја бојкотираат работата на Собранието. Тие за оваа одлука имаа и реакција зошто е тоа така, но таа речиси и да не беше пренесена во провладините медиуми.

Цунамито од напади, пак, се чини се случи од моментот кога опозицијата одлучи да не се враќа во Собранието. И покрај тоа што лично премиерот, Никола Груевски и претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски ги повикуваа пратениците од опозицијата да се вратат на своите работни места, провладините медиуми „неуморно“ ги напаѓаа само за да предизвикаат негативни емоции кај јавноста.

 

КАКО ПОЧНАА НАПАДИТЕ

Уште на 19 јуни 2014 година, при експозето, како мандатар на новата влада, премиерот Груевски побара пратениците од опозицискиот СДСМ и од коалицијата да се вратат во Собранието.

„Честитката подеднакво е упатена и до вас присутните пратеници и до оние кои заради политиките и  интересите на партиското раководство одлучија денескa да не следат преку медиумите, и за кои верувам набрзо ќе се вратат во оваа сала, за која толку многу ги молеа граѓаните да им ја дадат таа шанса, и тоа само пред околу два месецa – рече Груевски.“

Истото го направи и претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски:

„Сè што е во моја надлежност ќе направам за да се вратат. Ќе ја искористам секоја можност за јавно да ги повикам да се вратат во Собрание – рече Вељаноски.“

Но, и покрај тоа, проовладините медиуми на нож ги дочекаа пратениците, па дури им броеја и колку пари државата плаќа за тоа што тие седат дома:

„50 милиони денари поделиле само 34 пратеници на СДСМ. По 15 месеци седење дома и земање плата од по 96,300 денари месечно, пратениците на СДСМ се враќаат во Собранието, пишува порталот „Курир“.“

Секако дека реакциите на СДСМ на оваа клевета не беа воопшто објавени и „нормално“ дека во овие текстови немаше ниту збор за причината поради која овие пратеници се враќаат во Собранието, а тоа е Договорот од Пржино.

Истата песна беше и со изборот на новите министри, исто така, дел од Договорот од Пржино.

Ако денот се познава по утрото, така и провладините медиуми го дочекаа Груевски да каже нешто во Собранието, за да можат веднаш тоа да го надградат.

Така, Груевски уште при образложението во Собранието, ги нападна новите министри:

„Ќе продолжам будно да го следам секој чекор на министрите во интерес на граѓаните и на државата, но и да реагирам во случај на несоодветно однесување – изјави Груевски“

Покусо не останаа ниту пратениците од оваа партија, па така координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, од собраниската говорница изјави:

„Не смеме да дозволиме нарушување на безбедносната состојба, меѓуетничките односи, како и тешки последици на стопанството, странските инвестиции и животниот стандард на граѓаните. Треба да се спречи уште еднаш СДСМ да не ја прифати волјата на граѓаните. Министрите од СДСМ ќе ја носат целата лична одговорност за евентуални грешки. Очекуваме да не се стопираат субвенциите за земјоделците, да не се стопираат социјалните трансфери, да не се стипира порастот на пензиите, очекуваме да се продолжи проектот „Македонија вработува“. Ние ќе водиме сериозна сметка овие приоритети да бидат запазени од сите членови на владата, без разлика од која партија доаѓаат – изјави Димовски.“

 

НАПАД ВРЗ МИНИСТРИТЕ

Не помина многу време и уште утредента, прво порталите, а потоа и сите други медиуми блиски до власта го нападнаа новиот министер за внатрешни работи.

„На вториот ден на своето работно место, Оливер Спасовски веднаш побарал да му биде изваден дипломатски пасош, дознава Press24 од полициски извори.

Според нашите информации, Спасовски, не сакал ниту да отиде во Министерството за надворешни работи за да го фотографираат. Тој барал фото екипата да дојде во неговиот кабинет и таму да ја направи фотографијата.“

Притоа, текстовите се несодржајни и необјективни. Во ниту еден текст во кој се напаѓаат новите министри, не е земена изјава од личноста што се напаѓа.

Во некои од текстовите се оди во толкаво извртување на нештата што буквално излегува напис за потсмев. Така е со овој текст:

„Технички назначениот министер на внатрешни работи, Оливер Спасовски ќе треба стражарно да го приведе лидерот на опозицијата Зоран Заев.

Ова е резултат на одлуката на судијката Башевска  на денешното рочиште на предметот „Пуч“ бидејќи лидерот на опозицијата и денеска не се појави во судница. Адвокатот на Зоран Заев изјави дека лидерот на СДСМ  морал да  отпатува надвор од земјата и како доказ приложил копија од авионскиот билет.“

Зошто самиот министер е ставен во наслов, нималку не е познато. За да се направи текст кој ќе биде против него и ќе го омаловажи, но тој и во таков случај мора да ги запазува новинарските стандарди.

Потоа, ваквите текстови со жестоки напади продолжуваат со денови, за најверојатно поради замор од текстови против Оливер Спасовски, топката да се префрли врз новата министерка за труд и социјална политика Фросина Ременски.

Така, се појавија написи во кои се вели дека е иако е нова на раководната фунција во Министерството за труд и социјална политика, Ременски веќе ја злоупотреби функцијата министер, во полза на партијата.

„Според најновото известување пратено до службите од кабинетотот на Ременски, се дава надлежност на претседателката на партиската комисија за труд и социјална политика на СДСМ, Мила Царовска,  да го одобрува или цензурира било кој одговор до граѓаните, што е спротивно на кодексот за професионално однесување на администрацијата.“

Ниту една рекација, а ги имаше многу на оваа тема од опозициската партија, не беше пренесена од овие медиуми, што е крајно непрофесионално.

Нападите од провладините медиуми врз луѓето од опозицијата, особено во периодот откако СДСМ се врати во Собранието и се избраа министри од редовите на оваа опозициска партија, предизвикаа хаос во јавноста. Дневно имаше по десетици реакции од двете политички парти што само збунуваат без да може читателот сам да ја лоцира вината или да може да процени кој е во право. Притоа, провладините медиуми се во предност, прво затоа што се повеќе и второ затоа што имаат поголеми ресурси да можат да пишуваат вакви текстови постојано. Исто така, тие имаат голема помош од раководителите и од поранешните министри во овие институции кои најлесно можат да им ги достават документите кои излегуваат од кај канцеларлијата на министерот. Но, сепак, тоа не значи дека тука тие треба да ја завршат приказната. Напротив оттаму треба да почнат. Да добијат имформација и да ја истражат. Да проверат дали е вистинита. Потоа, да земат изјава и да ја објават најобјективно. Затоа овие текстови се само голи напади, а се гледа и дека се нарачани од политички центар. Тоа што истите текстови ги има во различни медиуми не значи дека се збогатил медиумскиот простор. Напротив, само се осиромашил, поради тоа што се работи за непрофесионални прозиводи што создаваат хаос во главите на читателите. А новинарството беше нешто друго, нели?

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

Одговори