Pasriz-Kumanovo
Париз и Куманово – пукање и ваму и таму, но до каде одат сличностите. Фото: скриншот

 

Има ли сличности меѓу кумановската „дводневна војна“ од 9 и од 10 мај годинава и теористичките напади во Париз од 13 и од 14 ноември и што стои во заднината на поврзувањето на овие два немили настани?

 

Пишува: Љубомир Костовски

Настанот кој власта сакаше бргу да го заборави, по дебаклот што го доживеа со кумановските настани од 9 и од 10 мај годинава, во јавноста во земјава, ама особено меѓу соседите и, секако, во поширокиот простор, наеднаш, со молневита брзина се рециклираше по многу македонски медиуми, непосредно по терористичките напади во Париз. Ова, секако, беше предизвикано од можноста која шокот од парискиот крвав викенд (13/14 ноември) ја даде за некој да се обиде да ги рехабилитира – народски речено „муфте“ – големите грешници меѓу јавните функционери во светот на општата и на државната безбедност и на контраизвестувањето. Овие настани поминаа, да се потсетиме, со многу жртви меѓу припадниците на МВР, со голем број ранети, кои во последните написи не се споменуваат (а беа повеќе од 40) што не се помни дури и во поконфликтни времиња. Имаше некаква политичка одговорност (отставки на министерката Јанкулоска и на првиот човек на УБК, Мијалков), но не беше изведена до крај и немаше понатамошни реперкусии по сите тие што или не ја извршиле својата задача како треба или, пак, за што постоеше јавно изразен сомнеж, биле дел од една драмска, опасна игра која требаше да ја промени политичката клима во Македонија со подметната игра со оган.

Толку истоветни написи за поврзување на мајските судири во Куманово со париските терористи направени за кусо време и тоа за време на викенд, секако можеле да се состават и на едно место, па тие да се дистрибутираат „онаму каде што треба“. Тука не смеело да се оди на прераскажување на кумановските настани, за да не мора да се одговара на сите оние прашања што веднаш би ни се вратиле, туку се одело на некаков асоцијативен „блиц-криг“, кој не би ја ангажирал колективната траурна меморија од мај, туку би ја покрил со емотивните шокови од француската престолнина.

„Целта на терористите во Париз и на оние кои македонската полиција ги пресретна во Куманово е иста: предизвикување на истовремени крвави терористички напади на места кои овозможуваат што е можно поголем број на жртви“

стои во текстот што под наслов „Терористите од Куманово со иста цел и намери како и терористите од Париз“ објавен во еден од „клоновите“ на новинарите на ТВ „Сител“, на 14 ноември во 1.20 часот. Тоа е првата реченица во тој текст.

На 17 ноември провладиниот „Дневник“ објавува голем текст под наслов „Кумановските терористи со поразорен план од париските“, каде стои уште во првата реченица:

„Истовремени напади на разни локации, на кои масовно се собираат луѓето, со цел да се убијат што повеќе недолжни граѓани, практично е заедничка нишка која како стратегија на дејствување ги поврзува терористичката група која во мај годинава беше разбиена во Куманово и групата која минатиот петок направи масакр во Париз.“

Иако има три денa разлика меѓу двата текста, очевидно е дека како и двата автори (едниот текст е непотпишан) да присуствувале на час по диктат во некое старинско училиште.

Да не заборавиме дека првиот напис дури си налепи свој наслов на текст објавен во Хрватска, кој нема никаква врска со Куманово, за што пишувавме во „Сервис за проверка на факти во медиумите, што е скандалозен обид за силување на јавното мислење: да залепат париски терористички фасади обидите за рехабилитација на високите функционри кои дадоа отставка, односно на поврзување работи кои не можат да се поврзат по ништо меѓу себе освен по истрелите со автоматско оружје. Да не заборавиме дека официјално, полицијата истата група ја поврзуваше со некои вооружени грабежи на наша територија (меѓу другото и на познатиот напад на Прокредит банка) што укажува дека се тоа платеници и криминалци, воедно, па никој и никаде не го објасни тоа „шалтање“ во нивното дефинирање. Да не говориме за фактот дека најголем дел од групата е дојден од Косово, а понатаму немаше никаков дипломатски демарш или слично, бидејќи по некои од дефинициите на конфликтот дадени во мајските денови тоа секако мораше да уследи. И обратно: имаше многу обвинувања кои доаѓаа од Косово, кои не беа наивни, а кои, пак, ја обвинуваа македонската страна дека од февруари годинава се договарала со косовските поранешни припадници на ОВК за извршување платени задачи! И да не заборавиме дека во ниту еден текст не се споменува дека меѓународната заедница, заради безбедносните импликации на настанот, побараа интернационална истрага која беше одбиена!

Приказната за наводниот тероризам – ако постои таков, мора да има и извор за таквото тврдење, а тука само општо се вели дека открила истрагата, без да се каже кој ја водеше, како таа заврши и до каде е предметот, бидејќи веќе изминаа шест месеци?! Сигурно дека барем требаше да се спомене оти претходеше напад на караула каде место баталјон војска, за колку што таму има место, имало само четири граничари кои биле врзани и слично, а ним им било украдено оружјето, за кое потоа се рече официјално дека било користено во Куманово. Па, за какво изненадување говориме?! Зошто терористите не пукаа во граничарите? Зарем кај терористите некогаш ќе се случи ваква најава, како да се работи за реклама на идна претстава?! Има уште многу детали, како презакажувањето на партискиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ „нанапред“, а него го нема во истрагата: зошто тие терористи не би упаднале во масовен настан и како некој знаел дека има безбедносни причини за датумско поместување на тој собир? Но, да не ги одврзуваме сите тие сомнителни „трансакции“ кои се направени во предвечерието на конфликтот од 9 мај. Јасно е дека има премногу контроверзни приказни за наместената игра. Во Париз досега ја нема таквата атмосфера, соработката со сите полиции се подразбира и таа е големата разлика со кумановскиот масакр.

Колку за првите реченици од наведените текстови ние имаме што поголем број жртви – но само меѓу припадниците на МВР. Не само што осуммина умреа, упаѓајќи во заседа и во лошо подготвен напад, туку имаше и повеќе од 40 ранети. Ништо не чувме за нив, иако многу од припадниците на единиците имаа тешки и по живот опасни повреди!

Впрочем, како поминаа тогашните раководители на МВР и на Агенцијата за безбедност и контраразузнавање покажаа погребите на полицајците. Ако веќе сакаме да правиме споредби, да ги направиме и кај тие моменти.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

Одговори