skrinsot-remenski-crop-resize

 

[Рецензија: Корисниците на социјална помош загрижени што личности на СДСМ ги прегледува личните податоци]

 

Пред нас имаме доказ дека еден медиум се согласил да биде оружје за пресметка со политички противник, и тоа по цена да ги занемари сите новинарски правила, а посебно она најважното, а тоа е вистината. Паушални и невтемелени оценки и квалификации за постапките на новата министерка за труд и социјална политика од редовите на Социјалдемократскиот Сојуз, Фросина Ременски, смешни обвиненија дека таа вршела партизација на министерството каде што е на функција едвај неколку дена, анкета со сомнителна „спонтаност“, сето ова го има во прилогот кој е предмет на оваа рецензија. Кога овој текст, односно телевизиски прилог ќе се стави, пак, во контекст на вистинската политичка и медиумска хајка на која Ременски секојдневно е изложена, како од својот заменик, Диме Спасов од ВМРО-ДПМНЕ, така и од провладините медиуми, се добива една многу конкретна слика за неговата „употребна вредност“, а тоа е исклучиво во политичко-пропагандни, а не информативни цели.

Рецензија: Спрега на медиум и политика - на удар инистер од опозицијаЛинк до оригиналниот напис: Корисниците на социјална помош загрижени што личности на СДСМ ги прегледува личните податоци

Датум и време на објавување: 19.11.2015, 17:39

Датум на рецензирање: 22.11.2015

Рецензент: Југослава Дуковска

Написот се темели врз неточни факти – дека новата министерка за труд и социјална политика од редовите на опозицијата, Фросина Ременски незаконски овластила лице кое не е вработено во Министерството, нејзината сопартијка Мила Царовска, да обработува документи односно материјали кои содржат осетливи лични податоци на граѓаните кои имаат некаква интеракција со ова министерство.

Личните податоци на граѓаните наместо да ги прегледуваат експерти во својата област ќе ги чешлаат партиски војници на СДСМ. Револтирани велат дека нивните жалби и поплаки треба да бидат соодветно решени, а не да се искористуваат за партиски цели.

Ова тврдење стои во главата на информацијата која е предмет на рецензијава. Ова е неточен навод и во времето кога е пишуван прилогов во јавноста веќе беше познат фактот дека Ременски ја ангажирала Царовска како советник во нејзиниот кабинет, согласно законот.

Министрите и дополнителните заменици министри избрани на 11.11.2015 година со Законот за влада имаат право на три административни службеници и тројца кабинетски советници на министерот. Мила Царовска согласно законот е еден од кабинетските советници на министерот за прашања од надлежност на министерството,

изјави Ременски за телевизијата 24 Вести еден ден пред објавувањето на прилогот кој го рецензираме. Ременски, исто така, појаснила дека Царовска, како советник, само ги администрира писмените обраќања на граѓаните до министерката, односно мејловите, а дека не постапува по нив во управна постапка. Оваа информација, сепак, е занемарена при пишувањето на овој напис.

Во написот понатаму стои дека

граѓаните прашуваат како може не стручен кадар да врши проверки во документите, бидејќи како што велат, овие луѓе треба да бидат заштитени, а не јавно извикани.

но никаде не се наведува дали медиумот, односно новинарот располагаат со факти дека Царовска не е вработена во Министерството и дека не е стручна за она за што е ангажирана, што се точно нејзините работни задачи и со која постапка предизвикала сомнеж дека граѓаните во чиишто дописи таа личност има увид, ќе биле „јавно извикани“, искористени за партиски цели и на кој начин. Сепак, и покрај објаснувањето од министерката овој медиум остана на своите паушални оценки и обвинувања на сметка на новата министерка од редовите на опозицијата, дојдена на таа функција како дел од реализацијата на договорот од Пржино, со што се вклопи во серијата напади и опструкции на кои Ременски беше изложена како од својот заменик, екс-министерот за труд и социјала Диме Спасов, така и од медиумите кои ја поддржуваат владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Од објавената содржина се гледа дека не е направен ниту обид да се консултира било каков, официјален или неофицијален, јавен или анонимен извор на информации, кој би посведочил дека тврдењата и оценките изнесени во написот се вистинити и веродостојни, освен што е објавен извод од листата на вработени во невладиното здружение ХЕРА на кој стои дека Царовска е таму вработена. Ден подоцна од ХЕРА демантираа – Мила Царовска работела кај нив заклучно со 16 ноември 2015 година.

Далеку од сеопфатност, би била накусо оценката на овој напис. Веста ги прикрива клучните информации кои во моментот на негово пишување веќе биле на располагање на јавноста, а исто така, доколку новинарот се потрудил, можел и во ХЕРА да ја провери информацијата дали Царовска се уште работи кај нив или не. Наместо тоа, пренесена е информацијата превземена од Курир (што никаде не е наведено) така што е преобјавен факсимилот со М1/М2 образец на Царовска кога била вработена во ХЕРА, на кој стои датум 16.11.2015. Во време кога е објавен овој напис-прилог, ХЕРА веќе го демантираше пишувањето на Курир, медиум кој прво почна со обвинувањата за ангажманот на Царовска и побара да биде објавен нивниот демант, што не е сторено, а ниту овој напис тоа не го зел предвид.

Оценката за пристрасниот приод кон темата што ја обработува овој напис-прилог се темели на паушалните тврдења, кои се објавени, а не се поткрепени со конкретен доказ, како на пример:

Личните податоци на граѓаните наместо да ги прегледуваат експерти во својата област ќе ги чешлаат партиски војници на СДСМ.

или

министерка Рената Ременски по само една недела по седнувањето на министерската фотеља, изврши класична партизација на институцијата,

или пак

Доказ дека таа не е вработена во институцијата се гледа јасно на овој документ, кој покажува дека Царовска од 2012 година е вработена во невладината организација Х.Е.Р.А, на неопределено време.

Сите овие тврдења се невтемелени или апсурдни, или и двете. Обвинувањето за партизација и за тоа дека „партиски војници“ ќе ги „чешлале“ личните податоци на граѓаните е посебно смешен, бидејќи е општопознат факт дека кадровската политика на партиите кои досега беа на власт – ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за позициите во сите сфери на власта па и во државната управа, а конкретно и во Министерството за труд и социјална политика се базираше речиси исклучиво на вработувањето партиски кадри.

Неуверлива беше и анкетата емитувана во рамките на прилогот, онака како што беше направена – анкетирани две анонимни лица, застанати еден покрај друг кои зборуваа речиси идентични реченични конструкции: првиот ја обвини Ременски дека работи незаконски, дека граѓаните биле како „обележани“, а втората дека дека таа го урива она што е создадено и дека Ременски би ги „бележала“ нашите деца и нашите родители(?!)

Кога еден медиум свесно ги става настрана новинарските стандарди, правила, принципи, неговите производи тешко можат да се сметаат за новинарство, но кога свесно ќе биде занемарена вистината во функција на конкретна политичка опција, како во овој случај, тогаш тој може да биде само за пропаганден памфлет.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВистинитост

има факти

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИзвори на информации

нема евидентирани извори

нема користени извори

еднострани

infoVistinitostСодржајност

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПристрасност

написот втемелен на невистинити факти

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКоментирање

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПлагијат

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКвалитет на насловот

информира

некреативен

несензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФотографија

има

соодветна

написот е придружен со телевизиски прилог

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГовор на омраза

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУреден за веб

средно читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

Одговори