Груевски на почеток, соборениот руски авион може да почека. Фото: скриншот
Груевски на почеток, соборениот руски авион може да почека. Фото: скриншот

 

[Критички осврт врз ТВ-дневникот на „Канал 5“ во 18 часот на 24.11.2015 година]

 

Соборениот руски авион, посетата на премиерот Груевски на Кина, мигрантската криза и времето, беа во фокусот на овој ТВ Дневник. Тој беше релативно сиромашен со информации и изостави неколку важни вести од земјава.

 

Пишува: Ана Анастасовска

Веста за соборениот руски авион, која беше главна вест на денот и беше најавена како ударна во овој ТВ Дневник, сепак, беше оставена за подоцна, а вестите започнаа со посетата на премиерот Никола Груевски на Кина и неговата порака дека Македонија е отворена за кинески инвестиции. Притоа, во прилогот беше нагласена соработката меѓу двете земји во областа на инфраструктурата.

Македонија е првата држава која потпиша конкретен договор за искористување на дел од предвидените средства за овој регион, односно двете нови автопатски делници Скопје-Штип и Кичево-Охрид кои во моментов се во фаза на изградба, истакна премиерот Груевски, во своето обраќање на четвртиот Самит на шефови на влади каде се присутни 16 делегации од држави од Источна и Централна Европа и домаќинот, кинескиот премиер Ли Кечијанг.

Во контекст на овој прилог, новинарот можеше да потсети на „бомбата“ која ја објави опозицијата, а која се однесуваше токму на овие две зделки, таканаречената бомба за кинеските провизиии.

Вториот прилог беше посветен на новото задолжување на Македонија, односно издавањето на нова, четврта по ред, еврообврзница, во висина од 270 милиони евра. Следуваше разговор со министерот за финансии, Зоран Ставревски, кој нагласи дека граѓаните треба да бидат спокојни, дека ќе ги добијат своите плати и пензии и дека владата ќе продолжи да инвестира во изградба на нови патишта, училишта…

Во прилогот само беше нафрлено дека опозициската СДСМ обвинила дека на Македонија не и требало ново задолжување, но гледачите немаа можност да ја слушнат изјавата на новиот заменик-министер за финансии од редовите на СДСМ, Кире Наумов, кој рече дека ставил потпис на еврообврзницата, но и дека спречил народот да биде задолжен за плус 230 милиони евра.

Од економија, се премина на проблемите и недоразбирањата меѓу телевизиите и Здружението за заштита на авторски музички права (ЗАМП) за начинот на исплата на авторите чии што песни се емитуваат на телевизиите. Имено, во прилогот се наметна прашањето: за што се залага ЗАМП – за хаос или воспоставување ред? ЗАМП најавил дека ќе забрани емитување на музика на авторите кои се нејзини членки ако не се врати стариот начин на валоризирање. По ова беше пренесена реакцијата на Македонската медиумска асоцијација во која членуваат националните ТВ-куќи, од каде порачаа ЗАМП да ја реализира заканата веднаш, а не да чека до 10 јануари 2016 година.

Следуваше и изјава од министерката за култура, Елизабета Канчевска-Милевска, која ги повика двете страни на дијалог и решавање на проблемите.

Вториот дел од ТВ Дневникот беше посветен на посетата на претседателот Иванов на НАТО, соборениот руски авион и кризата со мигрантите. Беше нагласена средбата на македонскиот шеф на државата со првиот човек на НАТО, Јанс Столтенберг и пораките испратени од неа. Следеше изјава од Иванов, во која тој пренесе дека му порачал на Столтенберг НАТО да ја почитува одлуката на Меѓународниот суд во Хаг, која се однесува на спорот околу името со Грција.

Јавувањето во живо од Брисел, беше искористено и за да се долови атмосферата во НАТО, по уривањето на рускиот авион од страна на Турција. Дописничката пренесе дека е свикан итен состанок на НАТО и дека се очекува одлуката на Алијансата.

По ова следуваше прилог за инцидентот со урнатиот авион. Прилогот беше целосен, односно беше пренесена веста, беа пуштени снимки од тоа што се случило, а гледачите имаа можност да ги слушнат и двете страни, што мислат за инцидентот, Русија и Турција. Овој прилог можеби требаше да се најде на почетокот од дневникот, бидејќи беше ударна вест во сите светски и домашни медиуми.

Турските власти изјавија дека соборувањето на авионот не е акт насочен конкретно против некоја земја туку чекор да се одбрани суверенитетот на територијата. Русите ги негираат овие информации и тврдат дека авионот не го нарушил турскиот воздушен простор и дека постојано летал над сириска територија.

Како што беше најавено на почетокот од ТВ Дневникот, внимание се посвети и на кризата со бегалците. Прилогот „Прифатниот камп кај Гевгелија се претвори во мигрантска населба“ содржеше анкета од мигрантите кои го изразуваа своето задоволство од македонските власти, за условите во кои се сместени, односно топлите објекти, храната и топлата вода која ја имаат. Следеше изјава од Слободан Митровиќ од Црвениот крст. Прилогот беше едностран, бидејќи беше пренагласена грижата на државата за мигрантите, но не и фактот дека Хелсиншкиот комитет и невладината „Легис“, кои постојано се меѓу мигрантите, секојдневно ја повикуваат власта, преку институциите, да се вклучи преку во грижата за бегалците, пред сè, со медицински екипи и претставници од Министерството за труд и социјална политика.

Во прилогот беше само спомнато дека економските мигранти на македноско-грчака граница, во знак на револт ги зашиле устите и почнале штрајк со глад. На ваквата вест требаше да ѝ се даде поголем акцент, имајќи предвид дека со ваквиот потег, тие го привлекоа вниманието на светската јавност.

По ова, следуваше заклучокот од експертите дека ЕУ треба да ѝ помогне на Македонија со бегалците, но наместо неколку експерти, имаше разговор само со професорот Злате Димовски од Факултетот за безбедност.

Потоа, гледачите можеа да слушнат како земјите од регионот подигнуваат огради на своите граници за да го сопрат влезот на бегалците од Блискиот Исток, на што се надоврза и изјавата од министерот за надворешни работи, Никола Попоски, дека економските мигранти треба да се одвојат од бегалците од кризните подрачја.

По мигрантите, следеше третиот блок вести: доза црна хроника и случајот со 57-годишниот кочанчанец кој во два наврати, сексуално злоставувал лице со Даунов синдром и најава за временска прогноза. Но, во овој дел од вестите, беше вметната и вест преземена од порталот Курир, а посветена на напад врз новата министерка за труд и социјала, Фросина Ременски. Прилогот беше едностран и тенденциозен и имаше за цел да се дискредитира министерката. Она што недостигаше во прилогот, беше втората страна, односно, демантот од Министерството за труд и социјални работи.

Овој ТВ Дневник, иако ги имаше опфатено главните теми, сепак беше сиромашен со информации и делуваше како ништо друго да не се случувало во државата. Гледачите немаа можност да слушнат дека дента се одржа првата седница на Анкетната комисија за прислушувањето. Исто така, беше испуштена и веста за одлуката на Лекарската комора привремено да им ги одземе лиценците за работа на гевгелиските анестезиолози. Недостигаше и веста за одлуката на Општина Центар да се сруши терасата на зградата на новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ, која според оценките на Општината, била дивоградба.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Коментари

Коментарите ќе бидат модерирани според правилата за коментирање и нема да се толерираат навреди, клевети или говор на омраза.

Одговори